СЕЛОТО НА СНЕШКА

СЕЛОТО НА СНЕШКА

ВО НАЈУЧЕНОТО СЕЛО НА БАЛКАНОТ ПРВПАТ ЌЕ НЕМА ПРВАЧЕ

Љупчо Шатевски

Училиштето во беровско Владимирово, кое со децении беше голем расадник за високообразовен кадар, овој септември ќе го дочека без ниту едно прваче. Пред половина век во училиштето „Kирил и Методиј“ учеле по 300-400 деца. Речиси сите ученици по завршувањето на основното образование продолжувале во средно и на факултети, на кои досега дипломирале 400, а десетина отсто од нив и докторирале или магистрирале, со што, според многумина, Владимирово може да се смета за најучено село на Балканот.

Но, речиси сите што дипломирале и станале познати лекари, професори, правници, економисти, инженери и што ли уште не, останале да живеат и да работат во градовите каде што завршиле факултет. Па бројот на жителите во Владимирово за шест децении опаднал за трипати – од 2.000 на 700, со што ова село е најпогодено од миграцијата од сите осум беровски села.

– Kога јас учев, само во прво одделение имаше 70 деца. Потоа бројот на учениците во осмолетката континуирано опаѓаше, па во 1976 година повисоките одделенија, од петто до осмо, беа однесени во Берово, а нашето училиште стана подрачно на беровското „Дедо Иљо Малешевски“. Последниве години во Владимирово учат по 30-ина деца. Од септември првпат ќе нема ученик во прво одделение. Требаше да има две-три првачиња, но нивните родители изградија куќи во Берово, кое е на пет-шест километри од Владимирово, па сега децата ќе учат таму – раскажува пензионираниот наставник Димитар Брашнарски (73), кој 13,5 години бил и директор на училиштето во Владимирово.

Пред влезот на сегашното училиште, кое е сместено меѓу две стари згради во кои некогаш учеле владимирските деца, со што се потврдува долгата образовна традиција на ова познато малешевско село, разговараа и се присетуваа на деновите поминати во него Габриела, Ивана, Васко и Андреј, денес средношколци на возраст од 16 до 18 години. Раскажуваат дека кога тие учеле од прво до четврто одделение во училиштето во родното село, нивните одделенија броеле од четири до осум ученици.

– И овие четири деца, како и повеќето други, се одлични и извонредно талентирани ученици. Дарбата за учење и понатаму е присутна во Владимирово, но селото малку ќе има фајде ако речиси сите заминат далеку, ако тоа целосно испусти – вели Брашнарски.

Потврда на неговите зборови најдовме и на мегданот (плоштадот) во селото, на кој годинава првпат се одржа манифестацијата „Владимирски илинденски средби“. На еден од штандовите владимирката Викторија Латевска (17) и владимирецот Филип Дракалски (16) ги промовираа своите книги. Викторија својата прва збирка песни „Ѕвездено небо“, а Филип својот втор роман. Со првиот победил на европски конкурс.

– Илинденски средби првпат организиравме во 2005 година. Не продолжија. Сега тоа го правиме многу поорганизирано, со формирани посебно здружение и одбор, во кои има владимирци со место на живеење во Владимирово, Скопје, Штип, Берово, Струмица и тридневната манифестација ќе биде традиционална и ќе се одржува секоја година. Во овие три дена, од 1 до 3 август, имаше богата културно-уметничка програма, штандови со ракотворби, здрава храна и кулинарски специјалитети од овој крај, а имаше и вечерна игранка на отворено, какви што пред децении се правеле во центарот на селото. Дојдоа повеќе од 3.000 луѓе од многу градови, но и од странство, кои со децении не дошле и веќе подзаборавиле на родниот крај. Се договоривме да бидеме единствени, да соработуваме за подобра иднина на селото – истакнува Бранко Ужевски (50).

Владимирци нагласуваат дека дел од иселените соселани во градовите не заборавиле на родното село и знаеле да помогнат и во добро и во зло, но некои како да го избришале родното село.

– Владимирово ми е нешто како имиџ, чест ми е што сум од таму, иако одовде заминав на 15-годишна возраст. Во Скопје дипломирав, живеам и работам, но душата ми е овде, во ова славно село, во кое градам и куќа. Само во Скопје има 2.500 луѓе, кои се родени или се по татко или мајка од Владимирово. Не смееме да си ги заборавиме корените, не смееме да дозволиме селото да замре и сите заедно треба да работиме тоа да живне зашто не е владимирец само тој што живее во Владимирово – вели Јован Распашковски (63), сопственик на туристичката агенција „Бисер-пром“ од Скопје, која секој ден ја одржува редовната автобуска линија Скопје – Владимирово – Скопје.

ПО 7 ГОДИНИ ЌЕ ИМА 7 ПРВООДДЕЛЕНЦИ

Останувањето на училиштето без првачиња го вклучи алармот во Владимирово. Сите прават сметки ќе има ли деца и колку и стравуваат да не дојде ден, како многу македонски села, и Владимирово да остане без училиште.

– Оптимисти сме и веруваме дека нашето учено село нема да остане без училиште. Се надеваме дека состојбата ќе се подобри. Во моментот седум владимирки очекуваат бебиња, што значи дека по седум години ќе имаме седум првачиња. Овој народ е вреден, макотрпно работи во земјоделството и во сточарството, а белки ќе дојдат подобри денови и за тие што завршуваат факултети да има повеќе работа и можности во Малеш, па својата среќа да си ја бараат овде – вели Бранко Ужевски.

http://dnevnik.mk/?ItemID=A69FE535FA9C55458FC17372890AE5E3