Нема поголем ХАЛОВИН од сегашниов врв на ВМРО ДПМНЕ

Нема поголем ХАЛОВИН од сегашниов врв на ВМРО ДПМНЕ

По голем и по срамен пораз во историјата на изборите во Македонија, од овие локални – немало. Не е поразот голем во бројот на гласови, иако и таму е огромен, не е ниту во советите – туку во освоените општини. ВМРО ДПМНЕ после 10 години на чело на државата, после сите градења и вработувања, после сите субвениции и дисперзирани студии, вчера заврши со градоначалници во 4 села и еден град. Бламажа невидена.

Лично, не ги знам градоначалниците на Зрновци и Сопиште, но оние на Петровец, Илинден и Кавадарци САМИ СИ ЈА ЗАВРШИЈА РАБОТАТА. Таму не победи машинеријата на ВМРО ДМНЕ, ами победија човечките вредности на  Борче, Жика и Митко.

Предупредувањата до началството на ВМРО ДПМНЕ, што повеќе од три години доаѓаше од членството, симпатизерите, непартиските интелектуалци, новинари и добронамерници, беа со години арогантно, недвојбено и надмено игнорирани.
Мене лично, откако се здробив од пишување и кажување, ми беше кажано дека “не сум ја гледал големата слика“!!! Сега, еве јас, да препорачам тие сезнајковци да одат и големата слика да си ја видат во малото Зрновци.

Мои колеги на деликатни прашања добиваа одговор “знаеме што правиме“! Што правеле?! Сопиште да го добијат, Скопје да го загубат. Што правеле сега за “Цело Скопје да е комуњарски град, комуњарски град, комуњарски град“.

 

ПРЕС НА ГРУЕВСКИ

Вчерашното претерано долго обраќање на Никола Груевски, ќе се согласам со Ким Мехмети, не е текст што се пишува во 15 минути. Тоа е текст кој бил пишуван ден порано, синаќа само доработен. А, обраќањето беше во тајминг многу близок до завршетокот на гласањето низ Македонија.

Поентите што требаше да ги испрати и насоките што ги очекуваше Македонскиот народ – синојка, како и сите три години нананзад, не беа кажани! Добивме верглање во празно.

Еве:

  1. Никола Груевски, пренесувајки го својот, но и ставот на ИК на ВМРО ДПМНЕ кажа: “ВМРО-ДПМНЕ не ги признава овие избори и нема никогаш да ги смета за фер и демократски избори“! Дооообро, и сега што?! Како на деца од предшколска установа, недостасува вториот дел од реченицата (мислата), а тоа е: “и заради тоа ВМРО ДПМНЕ ќе го направи тоа-и-тоа“. Што ќе направи ДПМНЕ?
  2. Што значи тоа дека “… никогаш нема да ги смета за фер и демократски“?!?! Што тоа воопшто значи?! Секој може да “смета“ дека е лепши од Џорџ Клуни, бољи од Мурињо, јачи од Кличко… Ама тоа е негово мислење што фактичката состојба не ја менува. Нема “да ги сметале’, и што со тоа?! Ќе се преземе ли нешто, или ќе остане само на соопштенија и панели?
  3. Понатаму, тој вели: “Ние ги знеме сите овие лица кои ја киднапираа полицијата, сите се уредно документирани, и по враќањето на ВМРО на власт ќе се соочат со санкции согласно закон“. Но, обичниот гласач се сеќава на колку многу дворови на олигарси и богаташи се бесеше Влатко Ѓорчев пред победата 2006-та, за подоцна во 10 годишно владеење ниту еден не биде процесуиран. Со “мудроста“ кој се фати ќе плати, заглавија за ситни пари обвинетите во Змиско око. Но оние големи апаши од нафтениот, фармацевтскиот, градежниот, пивскиот и хотелијерскиот бизнис си останаа раат. Која е гаранцијата, дека тие 300 луѓе што се докуметирани, ќе бидат гонети?!
  4. Натаму, втор од 7-те услови е оној за Зоран Трајчевски!!! Зоран Трајчевски, долгогодишниот хвалоспеван кадар на ВМРО ДПМНЕ, во 7-те услови беше  по важен од Претседател на ДИК, незконско прислушкување, ново СЈО и ослободување на браќата затворени за 27-ми април! На човек да не му се верува што слуша.
  5. Исто така, 7-те услови поставени од Никола Груевски, што значат?! ВМРО ДПМНЕ и нивниот лидер бараат овие услови да бидат прифатени. Заев, секако, нема да ги профати. А Бејли слатко ќе си се изнакикоти во својот кабинет. Значи, откако СДСМ и Заев нема да ги прифатат ниту еден, а камо ли 7 услови, што понатаму? Панелче, соопштение, статус на Јоци?!?!?

 

КРАДЕЊЕ

Сите граѓани на Република Македонија видоа дека на претпоследните избори, оние на 11-ти декември лани, имаше избрен инженериг на Џес Бејли. Сите граѓани на Македонија беа сведоци на сеопшта пљачка, бугарски возови, полнење кутии, насилство, убијство, тепања, закани, употреба на полиција на овие локални избори.

Нерегуларноста на ланските и сегашниве избори не е спорна. Колку повеќе ОБСЕ,  ОДИХР, Мост, ЕУ и слични трубат дека изборите биле “мирни“, “фер“ и “демократски“, толку повеќе е јасно дека тие се з‘гнале на сила да ја уништата Македонија, нејзиниот народ и ВМРО како идеа.

Точно е тоа што  го кажува Никола Груевски дека “беа забележани огромни нерегуларности, индиции за поткуп на гласачи, партиско агитирање, притисоци, закани и уцени од униформирани и од неуниформирани лица. Физичка пресметка, информации за организиран бугарски воз, односно ставање на однапред заокружени гласачки ливчиња, гласачки ливчиња од едни општини носени во други со цел да се извадат ливчиња од тие гласачки места и да се спроведе бугарски воз“.

Но, поголем срам од овој срамен пораз, е тоа што Никола Груевски, ИК на партијата и комплетното ВМРО ДПМНЕ не реагира на овие констатации што самиот лидер ги наброја. Ами кротко се согласува со овој изборен колеж. Ова ли е ВМРО ДПМНЕ? Ова ли е ВМРО? Ова ли се наследниците на Веле Марков, Ќосето, Христо Узунов, Пиперката, Питу??? Овие ли, што молчат затворени во своите кабинети чекајки Шилегов да дојде да им ја сруши терасата.

Прашањето е, ШТО ЌЕ ПРЕЗЕМЕТЕ вие од ДПМНЕ откако сами констатиравте дека демократијата е суспендирама, дека изборите се лажиран, дека владее партиска СС полиција на СДС?

Јас го знам одговорот: НИШТО.

 

БЕЗ ОВЛАСТУВАЊЕ И КРЕДИБИЛИТЕТ

Заради ваквото предавничко, послушничко, калкулантско, поданичко, конформистичко и опортунистичко    однесување, исто така и заради неактивноста во однос на спротиставување на донесувањето на законот за двојазичноста и договорот за добрососедство со Бугарија, како и заради неисполнување на ветувањата во последните три години (Прогласот пред ДИК, на пример) – сметам дека сегашново раководство на ВМРО ДПМНЕ нема апсолутно никаков кредибилитет ниту овластување од МАКЕДОНСКИОТ народ да оди на било какви преговори во Париз.

Бидејки се покажа дека ВМРО ДПМНЕ донесе огромна штета на Македонија со апсолутно непознавање на политиката, а преку склучените договори Пржино 1 и Пржино2, преку изгласувањето на СЈО и наазначувањето на Катица Јанева, преку не разликување на зборовите “обвинител“ од зборот “обвинителство“ (пржинскиот договор предвидуваше СЈОбвинител, а не СЈОбвинителство), преку прифќањето на глупостите на Прибе, преку прифаќањето на технички министри, преку напуштањето на премиерската функција на Никола Груевски, преку откажување од изборите на 24 април 2016, преку кршењето на законите и уставот – ВМРО ДПМНЕ и нејзиното сегашно раководство (истото важи и за реформаторите на Бејли) НЕМААТ ОВЛАСТУВАЊЕ и не можат да го претставуваат Македонскиот народ. Најмалку од се на конференција каде треба да ни биде одземено името и идентитетот.

Катастрофално лошите преговарачки капацитети и политичко волунтаризам на Никола Тодоров, Никола Попоски, Влатко Ѓорчев, Александар Николовски и Никола Груевски не даваат за право истите тие луѓе да не‘ претставуваат било каде.

 

ОДГОВОРНОСТ

Зборот “одговорност“ не е во вокабуларот на сегашново раководство на ВМРО ДПМНЕ. Никола Груевски појде по патот на Бранко Црвенковски и неговото “народот е во права и кога греши“, со вчерашната постизборна реченица “за евентуалните грешки, откако ќе ги имаме сите анализи и информации, внатре во партијата ќе ја оцениме одговорноста“!!! Пази, нема грешки, има само “евентуални грешки“. Може да се, ама и не мора да се! Па “анализи и информации“ кои сами на себе ќе си ги дадат и направат. За на крајот евентуалната одговорност да ја “оценат“!!! Оценката може да се секаква, а најверојатно ќе е блага, ако воопшто има одговорност, оти нели ќе се ценат “евентуалните“ грешки.

ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски продолжуваат и забрзуваат со “божјиот синдром“ на непогрешливи. Се претставуваат себе си како несфатени од неазвисните новинари, несакани (со откажана љубов) од странците и неподржани од народот. Сите виновни – тие само “евентуално“.

Но, ако се погледне целата работа надвор од кабинетите во “Белиот дворец“, најмалку што можеше да очекува Македонија е ако не синојка, тоа барем денеска до пладне, комплетниот ИК на ВМРО ДПМНЕ да излезе со соопштение за поднесување неотповиклива оставка. Заради катастрофалниот пораз. И, во исто време да побара Партијата да ги стегне и прочисти своите редови, па да изнедри нов, свеж и неискомпромитиран ИК.

Сега навистина не е јасно дали Христијан Мицковски го дели мислењето на својот лидер дека “ВМРО-ДПМНЕ не ги признава овие избори и нема никогаш да ги смета за фер и демократски избори“? Ако мисли исто со својот лидер, треба веднаш да се откаже од советничкиот мандат во Град Скопје. Ама, тој филм нема да го гледаме. Ќе го гледаме опортунистичкиот филм од ВМРО ДПМНЕ и неговото раководство.

Ова што се очекуваше од ИК, се очекува(ше) и од Никола Груевски.

Но, како што ќе напише во својата денешна колумна Бобан Нонковиќ “Како може да ги прогласуваш изборите за нелегитимни и да не ги признаваш, а сите твои општински советници да си ги примат решенијата (па уште и да се фалат на ФБ) и да славиш победа во Кавадарци“?! Во истата колумна Ннковиќ го дава и одговорот за ваквото однесување: “Дури после сето ова, сигурен дека нема да го затворат, ќе си замине, а пустош од партија и држава ќе остави“!

 

ПРЕДАВНИЦИ И СОНЧОГЛЕДИ

Секако дека оваа колумна ќе ја читаат и интерпретираат многумина, ќе ја перземаат портали, ќе ја фалат и поддржуваат но и ќе ја напаѓаат и  блатат.

Затоа, на крајот би сакал да дадам дефиниција за два исклучително употребувани атрибути: предавник и сончоглед. Зборови кои ќе бидат употребувани при коментарите за колумнава.

Според мое мислење предавник е оној кој едно му збрува и ветува на народот а друго договара во Пржино.

Исто така, според мое мислење заборот сончоглед/превртач се однесува на оној кој од народот бара 70 дена да е на улица, бара народот да влезе во Собрание – а потоа го прогласува истиот тој народ за силеџија и криминалец, па од него и се оградува.

 

МАКЕДОНИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ

МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА

ВМРО ВО ЖИЛИТЕ

 

 

Миленко Неделковски

МАКЕДОНСКИ новинар

Скопје, 30.10.2017  18.30 ч.