ЖЕРНОВСКИ – ИГРАЧ НА ФАНТА

Не траеше така долго Андреј Жерновски и Советот од Центар – општината под контрола на СДСМ, да влезат во клубот на оние политичари кои веруваат дека за одредени историски личности и настани треба да се изгради споменик.

Кметот Жернофф со неговиот тим од општина Центар, со својата најнова акција/постапка за градење спомен обележја, влегоа во клубот на оние политичари што не сметаат дека парите се попусто фрлени во камен и бронза, што подоцна би требало со “француски клуч“ да се одстрани. Жернофф и тимот влегоа во друштвото на оние што сметаат дека ние како историски наследници сме обрзани да се оддолжиме на историските личности и настани, да направимени паметници за спомен на ликови и настани кои оставиле длабоки траги во историјата на овој простор во кој денес е Република Македонија.

Откако ВМРО ги постави спомениците на Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, Михајло Апостолска, Кузман Јосифовски Питу, Павел Шатев, гемиџиите, Питу Гули и голем број на други македонски херои кои го посветија животот а поголемиот дел од нив и го дадоа својот живот во борба за нашата слобода и независна држава, гледаме дека во потрага по што ВМРО пропуштила, градоначалникот на Центар го пронашол неговиот кројач, кројачот на неговиот татко, но и кројачот на мојот татко – Ангелковски, за да му гради споменик. Според оваа логика, споменик треба да има и кројачот Милер. Ако ништо друго затоа што беше “модерна“ варијанта на Ангелковски, затоа што ми го шиеше моето матурско бело одело, и затоа што имаше прв во Македонија БМВ 2002 купе.

Иако целиот град се изненадени од одлуката на Жерновски и СДСМ како ќе ги трошат народните пари, за да биде застапена родовата еднаковст, предлагам Жернофф да протурка и градење споменик на некоја шивачка! Еве, на шивачката на негвата сопруга. Бидејки сите луѓе блиски до него кажуваат дека Жернофф се доживува како “Мали Бранко“, би можел да изгради и споменик на Бранко Црвенковски, кога веќе ВМРО го претекна смислувајки споменик на Киро Глигоров.

ВМРО, да потсетам, направи споменик на Киро Глигоров во композицијата посветена на АСНОМ спроти Парламентот. Жернофф тогаш критикуваше дека пари не смеат да се даваат на споменици ами за сиромашни, водоводи, работни места, развој на земјата – ете сега со народни пари сака да гради уште еден, заначи втор, споменик на Киро Глигоров.
Ако оди со оваа копи-паст стратегија Жернофф, ќе треба да крсти уште една, значи втора, улица по Глигоров. Оти нели, ВМРО веќе именуваше булевар по името на првиот Македонски председател. Може, доколку толку сака да копи-пастира, да нарача и уште една, значи втора, восочна фигура на Глигоров за во Музејот на Македонската борба.
Па така, како што имаме двојно обвинитество, дуализам во полицијата и во неколку министерства, како што се бара уште еден, значи втор, суд – така може да има и по два споменика. На едниот ќе пишува дека е од ВМРО на другиот дека е од “Мали Бранко“.
.
Моите извори велат дека Жернофф си избрал еден свој омилен архтект за фасади, решенија и слично. Како да нема друг во Скопје и Македонија. Па, станува јасно зошто Жернофф е толку жесток во борбата за неосовременување на ГТЦ. Логично е натамошен негов омилен архитект да е Мирослав Грчев. Грчев не е познат по некој објект во Скопје, освен по монструзоната ругоба Лумикс. Но познат е по тоа што народот од чие пари живее и професорува, го нарекува глуп, идиот, малоумен…

Кога советот на општина Центар донесуваше одлука за градење споменици, се случува смртта на академик Томе Серафимовски. Па така, кај советниците на СДСМ се раѓа идеата и него да му направат споменик. Почитиваниот скулптор инаку беше автор на неколку споменици правени од ВМРО: Св. Климент и Крсте Петков Мисирков во Скопје и Св. Наум во Охрид. Серафимовски дури во еден период беше ангажиран како експерт кој даваше стручно мислење за изработка на споменици од други помлади скулптори.
Но, знаејки дека пред две години лустрациската комисија откри дека академикот Серафимовски бил полициски кодош, и на таа основа ја градел кариерата, може да се претпостави дека кодошлакот е предиспозиција за Жернофф да сака да ти изгради споменик. Тоа стварно би бил дострел. Така би имало простор за поголем уметнички израз за на пример споменик на Лустриран кодош поранешен Председател на Врховен суд. Или споменик на кодошот Владимир Милчин, или спменик на кодошот Петар Арсовски, или споменик на кодошот Ѓунер Исмаил или на Љубомир Фрчковски. Па вака ако оди, може со посредство на паркобраните, да се направи и Парк на кодошите. Фонтана на кодошите!
Можам да замислам твитер комуникација: Кај ќе се чекме бејби? Во кодош маало на пијачка!!!

Има уште два споменици за кои СДСМ ќе потроши пари од даноци кои се собираат од страна на граѓаните во центарот: Маџармаалски играчи на Фанта и Железничка колонија.

Фанта е игра која никогаш во животот не ја играл Жернофф. Тој не знае што е “две све“, “три све“, “ќе премаам“, “не ваља“, “шо падне“… Сметам дека тој под “Играчи на Фанта“ ја подразбира токму насловната слика на овој текст. Ако веќе има споменик на играчи на Фанта, треба да има споменик и на играчи на Мор. Едно без друго не одело ниту за забава ниту за комар.
Покрај споменик на играчи на Мор, а во контекст на родова еднаквост, треба предлог на играчици на ластик, или на Народна. А може и за други игри: Плочка, Баба…

Кога сме веќе кај комарџиски споменици, мора да му се издигне и споменик на Палфи, како најзначаен лик на “скопската пиксла“, кога покерот и комарот беше забранета работа па се играше илегално во станови со навлечени дебели завеси. Тука реално за споменик во Кисела Вода би се квалификувал и вечниот ресторатер К‘на.

Железничка колонија веќе има споменик! Тоа е онаа преубава четвртаста жолта зграда на улица Страшо Пинџур, односно по ново Борка Талевски, која се наоѓа веднаш зад Еврејска општина, а беше на неколку метри од школото Његуш (Петар Петровиќ Његош), по ново Песталоци. Ако веќе се сака скопско обележје од тој дел, постара е Општина Идадија. А споменик би заслужил и Млин Балкан. Млин според речникот на жителите на Идадија односно Буњаковец се изговараше МлиМ, а школото Његош беше ЊегУш.

Бидејки старо Скопје и роднините на Жернофф паметат и “големи“ настани, како што е пречекување со цвеќе и гушкање на бугарската фашистичка окупаторска солдатеска од страна на дедото на Кметот Жернофф, навистина би било соодветно, во интерес на национално помирување, споменик на дедото на Андреј Жерновски да се изгради пред бугарската амбасада во Скопје, карши АМСМ.

ВМРО, интерсно, не гласаше против предложените решенија на Жерновски и СДСМ. ВМРО гласаше воздржано.

За нас жителите на Центар останува нејасно зошто толку тајно, нетранспарентно и без поширока дебата (јавна расправа) е изведена акцијата “споменици“?

Бидејки, ако би размислиле, има побајаги ликови што заслужуваат а немаат споменик: Димитар Влахов, на пример. Левичар, комунист, учесник во НОБ… Или од револуционерите: Апостол Петков Терзиев, Анастас Лозанчев, Славејко Арсов, Димо ХАџи Димов, Христо Матов, Мише Равигоров.

Или, од поновата историја: Кирил Симоновски Џина, Крсте Црвенковски, Сашка Петковска, Никола Солдатов, Иван Антонов, Живко Поповски Чик, Гоце Николовски, Јонче Христовски, Душко Поповски…

Или споменици на легендарните ресторатери Миле Челик, Јоле, Злате, Љуц… Или “Белиот“, најпознатиот продавач на струмичка кикирика у парк. Па ако се иде натаму, според тоа кој бил заштитен знак на градот во одреден период, споменик заслужува и Трпе Вардар Комерц.

Темава, непресушна…