ЈАНЕВСКИ

ЈАНЕВСКИ

МАКЕДОНЦИТЕ НИКОГАШ НЕМА ДА БИДАТ БЕЛГИЈЦИ

Министерот за економија Беким Незири бил против акциите на УЈП на кои им асистира и полицијата во неколку дела на Македонија. И ќе барал одговорност за тоа на седница на Владата. За фискални сметки, не се одело во места како Старата скопска чаршија, вели тој.

УЈП не е под негова надлежност за да се меша во работата. Под негова надлежност се на пример селата на Шара каде што речиси сето население живее од социјална помош од по 2.000 денари. Од умно момче како Незири досега се очекуваше да смисли некаква стратегија, план, како да се крене економијата во тие места и тие луѓе да си најдат работа. И на тој начин да му се симнат од врат на Диме Спасов. Да не ја бараат онаа мизерија од 2.000 денари кои, ете ти ја бељата, треба да се обезбедат преку фискалните. Така, на една страна министерот не е способен да создаде услови за работа на тие луѓе, а на друга му пречи кога УЈП се обидува да собере пари за да може да им се исплати социјалното. Ама тоа очигледно не е битно за него. Битно е дека во очите на еден дел од Албанците во Македонија тој се промовира во чувар и борец на нивните слобода и права загрозени од Македонците. Оти Старата скопска чаршија била туристичка атракција и таму не морало многу да се инсистира на фискални.

Постојат дузина мали трговски центри низ Македонија, главно во помалите делови на градовите, каде што инспекторите на УЈП не одат со полиција. Не им треба бидејќи дуќаните во тие трговски центри имаат дежурна извидница. Таа им јавува кога доаѓа контрола, по примерот на оние села во турско каде што при приближување на аскерот почнувала да бие камбаната. И дуќанџиите едноставно се даваат во збег. Ги заклучуваат дуќаните и тој ден не работат. Инспекторите можат евентуално да пијат кафе во локалната кафеана, која обично останува отворена. Не дека луѓето многу ја сакаат работата под штрек и во збег, но со промет од неколку стотини денари на ден, тие едноставно немаат друг излез. И тие исти луѓе од збегот, многу би сакале од Незири, ако е веќе толку арслан и кога веќе решил да се кара на седница на Владата, да се скара за да се најде начин како да се крене куповната моќ на граѓаните, а тоа да има реална и здрава основа. И за тие во Тетово и во Струга и за тие во Делчево и во Струмица. Тогаш, можеби ќе може да држи лекции. Само што тогаш нема да има за што бидејќи луѓето нема да имаат проблем со фискалните и УЈП нема да има потреба од полициска асистенција.

Во секое христијанско општество, црквата е најконзервативниот дел. Од таа матрица не излегува многу ни МПЦ. Пред некој ден истата таа црква се изјасни дека сака нејзините свештеници да минат низ процесот на лустрација. По ова, се чини единствено Здружението на новинарите на Македонија остана на браникот на противниците на лустрацијата. Тоа е последниот бастион на оние што од идеолошки причини, врз туѓ грб и туѓа несреќа граделе кариери, стекнувале позиции, слава и пари. И кај нас тоа се нарекува борба за демократија.

Kако што демократи беа оние неколкумина наши новинари на кои пред неколкумина Јоргос Шацимаркакис во Брисел им приреди сеанса за кодошење на Македонија, а Мирка Велиновска, Бобан Нонковиќ и Миленко Неделковски кои ја прекинаа забавата беа етикетирани како резил за државата. Така дојдовме до ситуација тие што одработуваа за сегашниот грчки амбасадор, назначен со перото на Евангелос Венизелос, во Скопје од милост викан „Kопенхашки критериуми“ да бидат борци за демократија, а оние што не се согласуваа со кодошењето на сопствената држава во организација на типови како Шацимаркакис, да бидат „резил“. Нема логика во тоа, нели? Ама кај нас и тоа е можно. Не е наша басната за јагнето што му ја матело водата на волкот, ама исто како Цепенков да ја запишал.

Во Белгија имаше протести против мерките за штедење. Стотина илјади луѓе. Ете шанса за независната Лидија Димова од СДСМ да праша кога Македонците ќе станат Белгијци. И да си даде одговор: Никогаш, а можеби ни тогаш. Но, има еден излез и од таа ситуација. Точно е дека Македонците никогаш нема да станат Белгијци с` додека алтернатива им е Лидија Димова. А Белгијците веројатно би станале Македонци кога би ја имале таа среќа Димова да им биде „еден е изборот“. Така што, што би рекле другарите Алберт Ајншајн, Kарл Маркс и Фридрих Енгелс, се е релативно. Час си Македонец, час си Белгиец. Ете, и за Шкотланѓаните може да се каже дека веројатно никогаш нема да станат Македонци. Тие имаа референдум, и ние имавме референдум. Нивниот беше сега, пред некој месец, нашиот пред 20 и нешто години.

Но, затоа веројатно и ние никогаш нема да бидеме Шкотланѓани. И тоа мислење воопшто не е поврзано со шегите за нивната скржавост.

Дарко

ЈАНЕВСКИ