СЕПАК Е БУДАЛА

СЕПАК Е БУДАЛА

СЕПАК Е РАМНА

Автор: Бранко Героски

Да не беше огромната и неостварена желба на Миленко Неделковски да полемизира со мене – а неостварена е затоа што типот е кукавица и наместо да ми дозволи пристап на неговиот профил на Фејсбук за да полемизираме директно, тој се самозадоволува со навреди и со поддршка на неговите фанови регрутирани од партиската фаланга на ДПМНЕ – можеби немаше ни да разберам за најзначајното „научно“ откритие во историјата на Македонија од нејзиното основање. Знаете веќе како е, кога човек од утро до мрак мора да се занимава со дневна политика, со хан-ман, со згради-мади, со клоци-моци, со ванхојтовци и слични ефемерни глупости, постои опасност да пропушти да регистрира теории и откритија што имаат потенцијал да предизвикаат историски пресврти во нашето (македонско) разбирање на универзумот. За среќа, Миленко ме смета за олицетворение на сето зло со кое мрачните сили на големиот светски заговор сакаат да го држат човештвото во заблуда и јавно ми ја доделил задачата јас да бидам тој што ќе се обиде јавно да го оспори неговото големо откритие.

За што станува збор?

Во еден свој, сега веќе знаменит пост на Фејсбук (види слика), по кој ќе уследи лавина од стотици коментари (за жал, повеќето од нив од негови верни фанови, кои добронамерно го предупредуваат човекот да не се резили и да се прибере), Неделковски, познат телевизиски водител, кучкар, козар и географ, односно човек со диплома од Природно-математичкиот факултет при УКИМ, отсек географија, сосема сериозно и амбициозно го оспорува научното тврдење дека Земјата е небесно тело во облик на топка што се врти околу својата оска и околу Сонцето (теоријата на Никола Коперник од 16 век). Патам речено, првите тврдења дека Земјата е топка ги среќаваме кај Питагора и кај Платон, а првите научни докази во 4 век пр.н.е. ги нуди Аристотел. За родоначалник на теоријата дека нашата планета е топка сепак се смета Анаксимандар. Коперниканизмот се зацврстува некаде во почетокот на 17 век, во откритијата на човекот што се смета за татко на модерната наука – Галилео Галилеј.

Можеби ќе ве изненади, но треба да знаете дека дури и денес, цели пет века по коперниканскиот пресврт во човечкото себеспознание, околу 3 проценти од луѓето сè уште веруваат во она во што очигледно верува и Миленко, дека Земјата е рамна плоча, можеби тркалезна, но никако не топка. Уште од 1956 година постои организација што го застапува ова мислење, чие име е „The International Flat Earth Society“. Како влегол Миленко во овој филм, навистина не ми е познато. Човекот спомнува некакви „нови докази на НАСА“, прави некои математички пресметки и лаички ги анализира рутите во авиосообраќајот, како круцијални „аргументи“ за неговата теорија.

Бидејќи се есапам за пристоен и сериозен човек, се дружам со нормални луѓе и само повремено влегувам во замката да се расправам со измамници, насилници и лудаци од секаков вид (данок на позивот, нели), навистина немам сериозна намера да влегувам во „материјална расправа“ и да ги разбивам заблудите на географот и на неговите поддржувачи. Со тие заблуди човек треба да расчисти навреме, во основното училиште, кога се изучуваат основните постулати на науката. После е доцна. Зашто, како што вели Галилеј, кога човек ќе се одрече од научните принципи, му останува само парадоксот. На пример, како човек да одговори на прашањето што јавно ми го поставува Миленко, зошто од Кејптаун до Рио се летало преку Лондон, а не директно? Па и од Скопје до Солун се лета преку Лондон, а не директно. Како да му објасниш нешто на човек што не разбира дека рутите во авионскиот сообраќај не зависат само, ниту претежно од географијата?

Или, како да му се одговори на извесен Ангелко Митрески, кој теоријата на Миленко ја брани со следнава математика: „Растојанието меѓу Свети Наум и Езерски Лозја е 29 км. Ако Земјата е топка, тогаш на средината меѓу Свети Наум и Езерски Лозја, која е 14,5 км, треба да се испречи возвишение со највисоката точка на лакот во висина од 16,5 метри. Доколку гледаме од Езерски Лозја кон Свети Наум, тоа возвишение нема да дозволи да видиме што и да е што е пониско од 66 метри над Светинаумскиот езерски брег. (Пресметката е многу едноставна доколку се примени Питагорината теорема, познатото растојание меѓу две точки, фактот дека според мејнстрим науката екваторијалниот радиус на Земјата е 6.378 км, а поларниот – 6.356 км и уште една формула со одземање.) Возвишението помеѓу Езерски Лозја и Свети Наум го нема и навечер може да се видат светлата од едната или од другата страна што не би смеело да биде така доколку Земјата е топка“. Предупредуваат таму некои разумни луѓе дека „математикава“ е спорна и дека благодарение на модерната технологија постојат десетина неспорни докази за научната доктрина. Џабе, кога крунскиот доказ на Миленко се крие во некакви лозја, па уште и езерски!

Дел од коментарите на поддршка на Миленко објавив на мојот профил на Фејсбук. Прочитајте ги и ќе сфатите зошто во оваа земја, после десет години грабежи, криминали и понижувања, сè уште има една солидна маса луѓе што гласаат за режимот. Со такви луѓе не вреди човек да се докажува. Би можел, како некои, да се забавувам со едноставни, логични прашања, кои ја покажуваат апсурдноста на тезата дека Земјата е рамна плоча. На пример, би можел да прашам – ако Земјата навистина е рамна плоча, зошто водата од океаните и морињата не истекува од рабовите на плочата? Но, се плашам дека шутрациве и за ова имаат спремен одговор – затоа што плочата си има парапетче, бе брат!

Наспроти ова, јас теоријата на Миленко и потенцијалите за нејзино вирално ширење во плебсот сепак ги сфаќам мошне сериозно. Ќе ви објаснам зошто. Оваа теорија има потекло и импликации за кои веројатно ни самиот географ со диплома од УКИМ не е свесен. Внимавајте добро, коперниканизмот и откритијата на Галилеј се многу повеќе од дострели на астрофизиката во мрачниот Среден век. Учењето на Галилеј е основа на сите темелни принципи на модерната физика, основа на Њутновите закони за движењето, никулец на Ајнштајновата теорија на релативитетот, инспирација на сите модерни физички и филозофски сознанија за природата и за универзумот, инспирација за Шекспир и за уметноста. Тоа е жесток удар врз антропоцентризмот, врз верувањето дека човечкиот свет, со кој управуваат тираните (владетелите и црквата), е центар на универзумот. Откритија на Галилеј и Дарвиновите откритија за еволуцијата преку природната селекција се најголемите револуции во самоспознанието на човештвото.
Петнаесетина години пред Галилеј да биде сослушуван од инквизицијата, во 1600 година, на еден плоштад во Рим, на клада е запален Џордано Бруно, бидејќи бил коперниканец и одбил да го порекне она што го проповедал. И самиот Галилеј бил осуден на доживотен затвор, но казната ја издржувал во домашен притвор, зашто бил помалку храбар од Бруно. Сакам да кажам, станува збор за учење кое од светската тиранија правилно е препознаено како филозофија што светот го дели на „два система“ („Дијалог помеѓу два светски система“ е насловот на книгата што Галилеј ја напишал во егзил во Тоскана), учење што конституира научно и критичко мислење, наспроти догмите и тиранијата.

Знам дека ви е тешко да поверувате, но јас тврдам дека „откритието“ на Миленко Неделковски е многу повеќе од бладање на еден осамен човек, фасциниран од теориите на заговор и од модерните оспорувања на научните сознанија врз кои почива цивилизацијата. Ова негово тврдење е симптом на потребата на една тиранија да се консолидира во своето себеразбирање дека е центар на универзумот (барем на нашиот македонски дел од него), изблик на нејзината потреба да се спротивстави на секое можно движење и промена, па дури и на движењето на Земјата околу својата оска и околу Сонцето, една патетична и блесава демонстрација на отпор кон неизвесноста што ја носат бесконечноста на универзумот и безграничноста на слободниот, критички ум.

„Има такви што добро размислуваат, но нивниот број е ужасно надминат од таквите што размислуваат лошо“, вели Галилеј. Тоа што во 1992 година папата Војтила (Јован Павле Втори) го помилува таткото на модерната наука и ја обеснажи одлуката на инквизицијата што беше на сила цели 359 години, суштински не ја менува неговата точна дијагноза дека бројот на тие што „размислуваат лошо“ е ужасно голем. И денес е така. Без оглед што бројот на тие што веруваат дека Земјата е рамна плоча, како што верува Миленко, сега е проценет на само 3 отсто од светската популација. Тоа не значи дека не постои опасност од вирално ширење на ваквите заблуди, особено во консолидираните автократии и во примитивните општества.

Македонија денес е едно такво, интелектуално инвалидизирано, претполитичко, конзервативно и во цивилизациска смисла, примитивно општество. Појавата на теориите на заговор е логична последица на имплозијата на безнадежноста, која, како што гледаме, резултира со мегаглупост издигната на ниво на спознание, теорија и догма. Утре можеби ќе резултира и со акција. Ќе се палат луѓе на плоштадите (за почеток, нели, ќе се креваат на клоци). Ќе се каменуваат неверни жени. Ќе се сечат раце на крадците… Миленко и неговата планета рамна плоча денес се симбол на интелектуалните и на цивилизациските дострели на Македонецот. Кому веќе навистина нема смисла да му се објаснува што било, освен можеби да му се каже она што еден фејсбуковец му го кажа (напиша) на географот: Дај ми го бројот на дилерот!