РУСЈАКОВ

РУСЈАКОВ

http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=829141756505&id=13&prilog=0&setIzdanie=23261

Убав наслов, нели? Веднаш знаете за што ќе дрочам. Ама ако. Отидовме по ѓаволите, драги мои. Сите носиме одговорност макар до утре го повторуваме името на оној што мислиме дека е виновен. Да знам, ама ние дејствуваме, активни сме, го дрвиме на Фејсбук. Имаме и паметен телефон, толку е умен што може да ни покаже кај ни е газот во однос на Јупитер. И не само тоа. Многу сме кул. Имаме вакцини, дигитални часовници, сателити за шпионирање, електрични столици, аеродроми, кредитни картички, вибратори, Интернет, дронови и клонови, банки, корпорации, микроскопи и макроекономии. Само уште да станеме љубезни, духовни, воспитани, мирољубиви, чесни, искрени, посветени, просветлени. Ама лесно е тоа. Ние сме модерно, технолошки моќно, материјалистичко, научно и потрошувачко општество, ние сме богови наместо боговите и кај и да е, ќе смислиме гаџети за овие ситници што ни недостигаат.
Важно, ги спасивме болните од АЛС. Како? Така, се полеваме со вода и уплаќаме сто долари, а потоа предизвикуваме тројца други истото да го прават. Посебно сме интересни ако сме јавни личности, па ќе му покажеме на светот дека не сме само разгалени ликови со свои острови, авиони, возни паркови и бело под носот, туку сме и загрижени за здравјето на оние, немоќните. Тоа што тие, болните, веќе јавно порачуваат, наместо да се глупираме со кофите, да ги изнесеме на прошетка, на пример, нема врска. Некому му текнало како да го инфицира светот со нова интернет-зараза, одвлекувајќи ни го вниманието од вистинските ужаси, згора на сè, нашол начин како да заработи, а ние ќе дремеме над компјутер за да видиме кој пооткачено се полеал со вода и ќе ја чекаме следната „хуманитарна гам гам стајл“ паника што гарант ги спасува гладните во Африка.

Светот гори, баба се полева со студена вода. Едниве ги спасивме, сега се среќни, насмеани и здрави, ајде сега да почнеме да размислуваме како оригинално да им помогнеме на оние што имаат запек. Да се разбереме, болните од АЛС живеат во хорор што ние ни со пет кофи мраз не можеме да го доживееме. Така живеат и оние со мултиплекс склероза, ревматоиден артритис, Кронова болест, дијабетес тип 1 и да не набројувам, оти ќе ми требаат сто колумни. За повеќето од овие ретки болести науката нема одговор, затоа што го избегнува вистинското прашање. Дали овие болести можеби се создавани во лаборатории? Во моето опкружување имам неколку луѓе што живеат со вакви страшни болести, мои пријатели или нивни деца. Не може човек да не почувствува болка во стомакот кога ќе ги чуе или види нивните маки. Ама ова што сега се случува, оваа хистерија под маска на хуманитарност, е само уште еден во илјадниците обиди да се испроба моќта врз луѓето, контрола на умот, масовно одвлекување на вниманието. Слободно прогласете ме за параноиден идиот што шири теории на заговор, јас останувам на своето.

Оти, зошто хистерично да рипаме барајќи одговори за молкот за двата малезиски авиона, зошто да побараме одговорност од оние што бесрамно лажеа дека Путин ги убил нивните деца, а сега молчат како птички под кошули и не вадат докази, зошто да не интересира кој ги финансира психопатите од онаа калифатска Исламска држава, која масакрира сè живо во Сирија и во Ирак, без разлика на возраст, пол и верска припадност, зошто да реагираме на очигледното демонтирање на украинската држава со внесување фашизам во неа како и низ цела Европска Унија, зошто да прашуваме против кого мисли да се бори американската полиција, онака вооружена како војска на робокапи, кога мртви ладни, со измазнети бразди на мозокот, можеме да се полеваме со кофи студена вода, да креваме паника меѓу луѓето поради ебола, да правиме вести во кои деведесет отсто од муабетот ќе биде за листерија. Кога Големиот брат ти се сере на глава, ти треба да си среќен ако се смилува да пушти вода.
Отидовме по ѓаволите, драги мои, како светот така и ние тука, во Македонија. Погледнете само! Рековме, немаме избор. Ја ставивме на газот севкупната планетарна мудрост и крикнавме, еден ни е изборот, евроатлантски интеграции. Без нив потоп, оти немаме алтернатива. А таму нѐ сакаат само обезглавени. Е сега, пред да им ја испорачаме главата на Грците за да се напикаме во ЕУ, Брисел од нас бара малку да се натртиме за да можат они, оти не можат со Русија, да нѐ онадат задоволувајќи ги своите фрустрации врз помали и послаби, ама затоа илјадапати од нив постари. А тоа не можат да го поднесат. Патем, онака натртени треба да ги слушаме кога ни кажуваат што да правиме, каде да извезуваме, кого да избираме на избори. Со НАТО е идентично. И таму можеме само обезглавени, ама пред тоа прво ќе се облечат во нашите кожи, ќе си ја задоволат манијакалната жед со нашата крв. А сите вие што мислите дека сум ги побркал грчките и кипарските војници со војската на НАТО, слободно полејте со студена вода, вклучен фен јас ќе ви ставам во раката. Е, затоа и ние, драги мои, отидовме по ѓаволите. Затоа што идентитетски ќе нѐ обезглавуваат, ни дерат кожи, ни пијат крв, бугаротатарски мамлази тренираат фашизам врз нас, а ние дваесет и кусур години сме си вклучиле студен туш врз главата и одвреме-навреме во ритмички напади самодеструктивно си ја уриваме идентитетската база на државата, читај знаме, спогодба, рамковен, територијална поделба.

Можеби сум ви веќе здодевен со моиве приказни за светската машинерија, која ни го контролира умот, ама сака и душата, за нашата апсурдна идентитетска голгота, ама јас нема да престанам, оти не сакам кога некој ми ја предизвикува на двобој интелигенцијата. А сакав да ви пишувам за оној нацист Села и „Струшките вечери на поезијата“. За жал, не бев таму, ама ќе запишам: со душата бев во Струга, за да видам како, совршената вселена на поезијата, на двобој е предизвикана, од модерниот фашизам, злото на манипулацијата, падот на цивилизацијата.

Авторот е уметник

Автор: Александар Русјаков / alekrusjakov@gmail.com