УТОАЛЕТЕНИ ,,РЕВОЛУЦИОНЕРКИ“
Зошто утоалетениве ,,револуционерки“ зачленети во ВМРО-ДПМНЕ не ме изненадија со нивната ,,прослава“, кога народот е на улица во одбрана на македонската држава и на македонскиот национален идентитет?
Во деновите на ,,војната“ ми се јави Јован Попоски, водачот на сите македонски алпинистички експедици и ми предложи да дојдам во Македонија, да го организираме тимот и да се ставиме на располагање на државата за извиднички акции.
Дојдов.
Вечерта ни се јавува новинарот Љупчо Гајдов дека во Арачиново е убиен човек кога ја отворил вратата на својот дом во кој се вратил и дека луѓето се собрани пред Собранието.
Отидовме пред Собрание.
Насобрани уплашени и збунети луѓе, не демонстрираат туку чекаат некој да им се обрати, да им објасни не само што се случува,туку како да постапат, како и дали да се вратат во своите домови?
Чекавме најмалку еден саат додека не се појави една трагикомична појава назначена за министер на полицијата. Луѓето почнаа да шепотат полни со надеж дека ,,братов“ ќе им се обрати, ќе ги смири…
Тој со уште неколкумина слични, се искачи на скалите на Собранието, еден камерман, едно новинарче, функционеров кажа или промрморе нешто во микрофонот, ние не можевме ништо да чуеме, а и не ни беше наменето нам да чуеме, и без да им се обрати на луѓето влезе во Мерцедесот и отиде некаде.
Се прашувате каде?
На ,,Виенски бал“ кој истата вечер нивната партија го организираше во ,,Александар Палас“.
Утоалетениве покондирени гуски го следат светлиот пример на нивната организација.
Горазд РОСОКЛИЈА од САД