САКАШ ЛИ ОВА ДА БИДАТ ПОСЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ ВО САМОСТОЈНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА?
Една мала држава како Македонија, но и воопшто било-каква самостојна држава, може да продолжи да живее и без име, па ако сакате и без историја и потиснат национален идентитет, но без пари, животот на таа држава завршува во моментот на прогласување на банкрот! А, тоа е целта на Зоран Заев и неговата разбојничка банда доколку на блиц-изборите на 15. јули успејат да добијат нов мандат да управуваат со државата. Името, идентитетот и историјата, ние Македонците сме ги губеле и немале во сериозни и долги периоди низ вековите, т.е. во 2.700-те години на постоење на македонска свест (од кралот Каран, па наваму). Но, секогаш сме успевале да ги вратиме, како со истрајна борба и неоткажување од себе си, така и со вродената генетска меморија за припадност. Но, без егзистенција, Македонците полесно ќе исчезнат и тоа пластично објаснето е како гости во кафеана, кои остануваат и кога музиката ќе стивне и кога служителите ќе заминат, но се откажуваат кога пијалокот ќе заврши.
Затоа, претстојните парламентарни избори во Република Македонија се клучни, не заради политичката состојба, туку заради реалниот опстанок на единствената држава на македонскиот народ.
На една страна се Заев и неговите разбојници, а на другата, му се допаѓало тоа некому или не – е единствено ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски. Ако некој сака да падне Заев, мора тоа да го направи со давање на глас за ВМРО-ДПМНЕ. Мене лично не ми се допаѓа изборот, но е единствен и кога е во прашање татковината и мајковината, проголтаната кнедла е полесен залак од задушување и умирање!
Повеќе од јасно е дека Христијан Мицкоски е генетски модификуван политичар, креиран и калемен по нечија желба и од професор-експерт-бизнисмен за хидроцентрали, тој волшебно е лансиран во највисоката македонска политика. Тоа не првпат го пишувам. Ако некого прашавте кој е Христијан Мицкоски пред да стане генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година, а тој што го прашувате не бил во бизнис со електрична енергија, тогаш никој во Македонија и пошироко немаше да ви даде одговор.
Повеќе од јасно е и дека Мицкоски за свое време како лидер на македонската опозиција успеја да ја задржи умртвената енергија кај Македонците со цел превенирање на можен масовен изблик на незадоволство од менувањето на уставното и вековно име на државата Македонија и катадневното распродавање на Македонштината.
Ако го прашате него, тој ќе ви рече дека тоа го направил со цел да спречи нови притворања и долгогодишни казни за чесни и искрени патриоти како што беше случај со оние од 27 април 2017 година. Но, тој патриотски набој и незадоволство кај Македонците е умртвен токму со долгомесечните протести и нивната завршница со собраниските настани на посочениот датум, а за таа операција, Мицкоски може да се информира од својот заменик во партијата Александар Николоски, кој не се делеше од задникот на Никола Груевски (па и дури беше со него при алиби-посетата на Виена на самиот ден на т.н. „црн четврток“!) во тој период.
Груевски и братучед му Сашо Мијалков ги испорачаа патриотите од 27 април, а Заев ги затвори в зандани. Се’ друго е лажење со умот!
Но, да се вратам на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
За делувањето како прв човек на ВМРО, но и за позадината на неговиот избор за наследник на Груевски во партијата, преку наметнатите членови на претседателството и во Извршниот комитет во однос на Мицкоски, можам да пишувам со денови, посебно што сум имал две средби „тет-а-тет“ и една средба во присуство на еминентен македонски новинар со Мицкоски, чија содржина поради лична култура и воспитување нема никогаш да ја изнесам, но влијаеле да создадам целосна слика за него.
Но, напад врз Мицкоски и воопшто над шкопеното ВМРО-ДПМНЕ во овој период не само што би било нецелисходно, туку и апсолутно погубно за македонската држава и за македонскиот народ, бидејќи би било само и единствено во корист на Зоран Заев и неговата банда од СДС да добијат нов четиригодишен мандат да ја предводат Владата. Тој нов мандат за квислингот Заев, според плановите, би бил последен за една политичка структура во формално унитарната и самостојна македонска држава!
Плус, ако се видат помалите македонски политички партии што ќе истрчаат на претстојните избори, нивната агенда и реторика е јасно насочена на теми и гласачи кои би биле оттргнати од ВМРО-ДПМНЕ, не од СДС и затоа јас сум убеден дека нивната улога е да го ослабнат единствениот политички играч што може да ги урне Заев и неговата плуто-клептократска и предавничка банда од власт.
Всушност, периодов на закажи-одложи предвремени избори ги исфрли на површина намерите на таквите партиички, кои 98 проценти од својата енергија и кампања ја потрошија и се’ уште ја трошат напаѓајќи ја опозицијата, не окупаторската власт.
Можеби не се разбирам многу од политика, но ми се чини дека е попросто од варење на компир да се разбере дека е ступидно да се очекува од некој дека ако се гласа за него, дека тој би го урнал Заев, додека истиот цело време се занимава со таргетирање и ракетирање на најголемата опозициска партија и политички архи-непријател на СДС.
Свесен сум дека Мицкоски и ова ВМРО-ДПМНЕ под притисок на меѓународната заедница дека нема да тргнат во класично уривање, туку во преправено игнорирање на катастрофалниот Преспански договор. Тие нема да тргнат ниту во раскинување на лошососедскиот и уценителен договор со Бугарија, туку во тивка опструкција на работата на Заедничката историска комисија. Но, знам и убеден сум дека економскиот тим на Мицкоски, на чело со стерилниот Трајко Славески, нема да го продолжи и ќе го спречи започнатиот план со задолжување, инфлација, девалвација-на-денар и економски колапс на Македонија, што е приоритет на агендата на Заев и неговите разбојници, по што и формално, откако ќе нема пари за да опстои, македонската држава ќе се решава на нов Берлински конгрес, кога соседите ќе си ги поделат деловите од преостанатата македонска територија.
Рушењето на македонската економија е последниот клинец во мртовечкиот ковчег наречен Македонија, а тоа е причината зошто и покрај тоа што знам и сум свесен за улогата и играта на сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, исто така ми е јасно дека ќе биде столбот кој партијата на Мицкоски ќе го држи до последно со сите сили да не се урне. Впрочем, во овој момент на целосна промена на светската игра, крвавата битка на американскиот претседател Доналд Трамп за разбивање на светскиот хегемон во сенка наречен „длабока држава“ од кој зависи иднатата на планетата, она што на Македонија и на Македонците им е потребно е само време. Уште малку време, до нова распределба на картите, која треба да ја дочекаме на масата, не на менито!
Од друга страна, токму затоа и му се брза на дипстејтот и на неговиот експонент Зоран Заев да го затворат македонското прашање со укинување на постоењето на македонската држава и народ. При еден ваков избор, сметам дека е иминентно и од животно прашање да се концентрира енергијата за да бидат симнати Зоран Заев и СДС од власт! Демократски натпревар и избор на понудени програми и личности ќе биде можно откако Македонија ќе се ослободи од окупаторската фашистичка власт.
Во Македонија едноставно не постои народен коректив, бидејќи народот е исклучен од секој процес на одлучување. Народот е едноставно сведен на гласачко стадо што е принудено да оди зад пастирот, кој пак го држи на лоша испаша и по потреба му ги пушта своите бесни пци за да го престраши.
Најмалку на мене може да ми каже некој дека е лошо да се гласа за опозиција чиј кандидат е Сафет Бишевац. Истиот по телефон ми се закани со „Бобане, внимавај, доаѓаат сините“ пред изборите во 2011 година, кога СДС кои тогаш беа „сини“ го имаа него како кандидат за пратеник. Најмалку на мене може некој да ми ја кажува дипстејт улогата на Александар Николоски, кој е наметнат како лидер во сенка и официјално втор човек на ВМРО-ДПМНЕ. Или улогата на Гордана Силјановска, бивша министерка во Влада на СДС и фришоп-партнерка на гнасниот Љубомир Фрчкоски.
Јас, кој целиот свој живот се борам против удбашко-предавничката банда на СДС ги доживеав најголемиот број на навреди и напади токму од „ботовите“ и дувлото на ВМРО-ДПМНЕ, кога ја разоткривав улогата на нивното ново раководство во македонскиот политички дискурс. Но, кога станува збор за Македонија, јас немам сомнеж дека личната суета ми е на последно место.
Како и да е, кој малку разбира политика, ќе знае дека Силјановска е ставена да ја предводи листата на ВМРО во Првата изборна единица, а Николоски во „Четворката“, каде е јасно дека опозицијата ќе загуби! Во „Кецот“, ВМРО не може да освои повеќе од осум пратенички места, а тоа освен што ќе ја намали вредноста на Гога Сорос (Силјановска), исто така ќе значи и дека Бишевац ќе остане да дели лекции на своите соселани пред локалната кооперација, бидејќи тој е деветти на листата. Во Четвртата изборна единица, пак, Зоран Заев со сета машинерија и милиони евра во кеш во неговото феудално општество наречено Струмица и околината, ќе го добие лесно Николоски, кој е убедливо најслабиот кандидат на ВМРО, но по нечии насоки ставен за носител на листата.
Сепак, негативата од три-четири пратеници помалку на ВМРО во однос на СДС поради порази во „Кецот“ и „Четворката“, на опозицијата се очекува самиот да им ја надомести најголемиот херој на денешницата – Игор Дурловски. Да, харизматичниот и секогаш ведар лик, мојот пријател Игор е единствениот Македонец во периодов на оваа тригодишна окупација на Македонија што успеал да му нанесе пораз на окупаторот. Тој победи во монтираниот случај за 27-ми април со тоа што не побара амнестија, туку се соочи со Кацарска-судството и доби ослободителна пресуда. Дурловски се очекува да ја победи Рада Шеќеринска со најмалку пет до шест пратеници разлика (пример 12-7) во Петтата изборна единица. Заради него, но и заради голем број на луѓе што се најдоа на листите, а ги познавам лично и знам дека се големи патриоти што нема да дозволат да се урнат темелите на македонската државност – јас сум убеден дека треба да се гласа за ВМРО-ДПМНЕ и дека така ќе се спаси Македонија.
Некој ќе рече наивно. Во ред, но ако изборот е останување на Заев на власт и исчезнување на македонската држава и народ за период од три години, тогаш мене ми е јасен изборот!
Со победи од по два до четири пратеници разлика (пример 11-8) во Втората и во Третата изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ би требало да ја направи потребната разлика од плус шест до осум пратеници во однос на СДС за да може да формира Влада. Идното владино мнозинство потоа ќе се засили со веќе загарантирани пет „жетончиња“-пратеници што се сега на листите на СДС, но се подготвени да се приклучат на власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ (што е идентично и со гласови на ВМРО ако СДС повторно формира Влада). Разлика до пет пратеници плус ќе значи Голема владина коалиција (СДС-ВМРО, што е најголема желба на странците) што ќе ја парализира македонската држава, а разлика од плус три до загубени избори ќе значи нов мандат за Заев и погреб за Македонија.
Мицкоски како премиер (пеперутката на Али Ахмети со нова Тиранска платформа наречена „премиер Албанец“ е само за предизборен маркетинг на ДУИ за да не загуби албански гласови од СДС и БЕСА) и ВМРО-ДПМНЕ како предводник на македонската Влада значи и полесна народна навигација. Колку и да е притиснат од „длабоката држава“, ВМРО е докажано слаб на народен притисок и повеќе од јасно е дека народната волја ќе биде посилно изразена преку таква структура на власт. Кој не верува, нека се сети како СДС владее периодов и нека се праша дали сака да остане таквата фашизоидна структура во зградата на „Илинденска б.б.“?
„Колку вреди Ерусалим?„ гласеше прашањето на крајот на филмот „Кралството Небесно“ што Балиан, водачот на Христијаните, му го постави на својот противник Саладин, лидерот на муслиманската војска, додека му го предаваше светиот град по големата битка.
„Ништо“, му одговори Саладин.
Но, откако мина неколку чекори, лидерот на Муслиманите се сврте кон Балиан и кревајќи ги рацете во воздух со стиснати тупаници гордо додаде:
„И се’!“.
Токму ова е одговорот и што ВМРО-ДПМНЕ како партија, но и структура му значи на Македонецот, во време кога опстанокот на неговата татковина виси на конец.
Во суштина, ова ВМРО-ДПМНЕ не ни’ значи ништо, но реално, за Македонците пред истребување, во моментов тоа ни’ е се’.
Од нас зависи дали македонското сонце повторно ќе изгрее или ќе зајде и повеќе никогаш нема да изгрее!