ЧЕРНОЗЕМСКИ

ЧЕРНОЗЕМСКИ

/превземемо од ФБ на Горан Ангелов/

 

Атентатот врз кралот Александар Караѓорѓевиќ
На 9 октомври, 1934 г. југословенскиот крал Александар пристигнува со бродот „Дубровник” во Марсеј на својата прва официјална посета на Франција. Целта е да се демонстрира пред светот, цврстиот сојуз меѓу двете држави. Тоа се одвива во време на оживена дипломатска дејност меѓу европските држави и на настани, којшто постепено го трасират патот кон Втората светска војна.
Домаќините се потрудиле посетата да придобие голема свеченост. Ескортиран од миноносци на француската средоземна ескадрила, бродот ја фрла котвата на белгискиот кеј. Од древното марсејско пристаниште одекнуваат артилериски плотуни, на кој возвраќаат од „Дубровник”. На неговата палуба се качува француска делегација, водена од министерот на морските сили Пиетри, којшто ги поздравува гостинот од името на францускиот претседател. Во адмиралска униформа кралот слегува на брегот, каде што го пречекува францускиот министер за надворешни работи Луи Барту. Поздравниот говор го чита генерал Жорж, кој се борел рамо до рамо со српската војска за време на првата светска војна на солунскиот фронт. Потоа кралот влегува во автомобилот кој го очекува и се упатува кон општината, каде што го очекува официјален пречек. До него седнува Барту, а на резервното седиште – генерал Жорж. Шоферот почнал да свири, за да можат граѓаните на Марсеј да го видат и да го поздрават високиот гостин. Во следната кола се југословенскиот министер за надворешни работи Јевтич и францускиот министер Пиетри. Следуваат луѓето од кралската свита и одборот за пречек. Поради проблеми од морска болест, кралица Марија патува со воз. Нервозна атмосфера натежнува над гостите и домаќините. На бледото лице на кралот се исцртува умор од патувањето по бурното море и една внатрешна напнатост и страв од атентат. Можеби жалел, што не го послушал советникот да носи заштитна кошула, како при посетата во Бугарија. Барту се труди да го потисне своето неспокојство. Веќе неколку дена во Париз се наслушнуваат гласови за возможен атентат, како што пишувало на страниците на весниците „Пари миди” и „Пари соар”. Особено силно е неспокојството меѓу кралската свита.
Шефот на кралскиот двор изненаден констатира, дека мерките превземени за заштита на кралот се сосема недоволни. Од двете страни на патот, по којшто минува кордонот, се поставени околу 1500 полицајци и агенти, но непосредната заштита на автомобилот е оставена на двајца коњанички офицери. Во последен момент, од непознати причини, се менува решението кралскиот автомобил да го прати одред мотоциклисти. Кордонот се движи по средината на улица „Ла Канебер” со брзина на пешак. Тротоарите се исполнети со граѓани. На некои места се слушат аплаузи, на други – исвиркувања. Колоната веќе навлегува на плоштадот пред пазарот.
Според кажувањата, Владо Черноземски обучил поголема група луѓе кои кои биле распределени во три-четири групи, за секој случај некој да не успее да го убие Кралот. Сепак неговите сомнежи се исполниле кога ги видел растреперените раце на првоименуваниот атентатор, па самиот Черноземски го презел случајот во свои раце, го земал букетот со цвеќето во кој бил пиштолот и со образложение дека сака да го подари на Кралот, испукал неколку куршуми и така му пресудил за сите неправди што ги направил кон македонскиот народ.
Часот е 4:20 после пладне. Во тој момент од толпата меѓу двајца полицајци скокнува добро облечен, со силна градба маж, којшто притрчува покрај коњот на полковникот Пиоле, викајќи: „Вив л`роа!” (Да живее кралот), скокнува на прагот на кралскиот автомобил и пука неколку пати со револвер кон кралот Александар, а потоа и кон Барту. Прв се обидува да го оттурне атентаторот генерал Жорж, но неколку истрели го кутнуваат на седиштето. Шоферот го запира автомобилот. Во тоа време полковник Пиоле со брзо движење успева да го успокои и заврти коњот и со сабјата му нанесува два удари на атентаторот, којшто паѓа на улицата и продолжува да пука. Полицајци кој го заштитуваат кралот исто така отвараат оган по него. Настапува невиден хаос. Полицајците го оттргнуваат од разјарената толпа атентаторот, му ги врзуваат рацете и во бесвест атентаторoт со санитетско возило е пренесен во најблиската болница.
Куршумите упатени кон кралот Александар се покажуваат смртоносни. Уште во автомобилот тој ја губи свеста. Го пренесуваат во префектурата, каде што после неколку минути умира.
Министерот за надворешни работи Богољуб Јевтич подоцна ќе разгласи, дека божем во последните секунди на својот живот кралот прошепнал „Чувајте ми Југославију!”. А францускиот „Тан” ќе го доукраси кралскиот завет со: „Пазете ми ја Југославија и пријателството со Франција!”. Така следбениците на Александар Карагеоргевич ќе ја дополнат митологијата на големо-србизмот со уште една легенда.
Во метежот, над Барту се укажува прва помош, но неговата состојба се влошува и заедно со паднатиот во бесвест атентатор со санитетско возило е пренесен во најблиската болница, каде што му се прави успешна операција, но неговото срце не издржува и тој умира.
Наспроти тешкото ранување генералот Жорж после 5-месечно лекување оздравува, а за настанот покасно си споменува: „Со револверот атентаторот ракуваше со таква прецизност и молскавична брзина, што ми остана во трајно сеќавање, и покрај тоа што моментот беше трагичен.”
Без да дојде во сознание, атентаторот умира во 8 часот вечерта во болницата. Во алиштата му откриваат чешкословачки пасош на име Петр Келемен, револвери „Маузер”, „Валтер” и бомба. На десната рака имал тетоважа со иницијалите на ВМРО, череп, вкрстени коски и девиза „слобода или смрт”.
Владо Черноземски е погребан на 12 октомври на марсејските гробишта во присуство на двајца детективи и гробари. Местото на погребот не е означено.