Оваа култна реченица на Жарко Лаушевиќ ја отсликува секојдневицата на луѓето што издржуваат затворски казни.
За жал, нашиот правосудно-казнен систем во ниту еден сегмент не се обидува да ја имплементира основата за оној што е осуден, односно дека е тоа казнено поправна мерка. ПОПРАВНА, пред се. За да човекот кога ќе излезе, кога ќе одлежи, да може да е променет, поправен – а, не да излезе како поголем насилник, криминалец, наркоман…
Не се сите казни и пресуди за крвни деликти, силеџиство, дрога, оружан грабеж… И не се сите пресуди со казни над 5, 10 или 15 години.
Кај нас “невработеноста” е фиктивна. На оние што се на завод, што и да им се понуди, одбиваат.
За лопата, хард ворк, аутдор никој не е расположен. Сите што “бркаат” работа инсистираат на ладовина во канцеларија, портирница, магацинче… Сите би лези-лебу-да-те-једем.
Прашајте кого сакате низ земјоделството, огромен проблем е да се најде работна рака за берба, за жетва, за кроење, за се-нешто… Исто е и во рудниците, погоните, сервисите, градежништвото, фармите… Насекаде.
Значи, тешко се наоѓа аргат, малтерџија, армирач, овчар, кравар, за работа со копач, лопата, мотика…
И, бидејки е тоа така, а ние нели сме се деклариларе на вечна дружба со САД, зошто не ги ископираме нивните практики (купување и носење оружје, 12+ члена порота, прв, втор, петти амандман и сл.), па не се направи систем фирмите и приватниците да може да ангажираат работна сила од затворениците. Нормално, од оние што ќе посакаат “дан никад” да им пројде побрзо. Ем државата ќе уштеди на хранење, греење и слично, ем и ќе заработи оти работодавачите ќе треба да ги плаќаат тие услуги преку плати за затворенивите-работници и дел кон Управата за спроведување санкции.
Работодавачите ќе имаат работна сила, затворениците ќе имаат занимација преку која и ќе си заработуваст, буџетот ќе се полни од давање таква услуга.
Вин-вин ситуација.
Дудинка,
Јуни 2021