Џемо

Џемо

ЗА ФАШИЗМОТ НА ЏЕМО ХАСА ОД СИМНИЦА

Македонија е единствена земја во Европа во која се подигаат споменици на фашистите и нивните соработници

Пишува Блаже МИНЕВСКИ

Во 2018-та година, австралискиот новинар со македонско потекло, Саша Узунов, објави дека норвешкиот амбасадор во Белград, Скопје и Подгорица, Арне Санес Бјорнштад ќе го истражувал случајот на Албанци соработници на нацистичките власти од Втората светска војна за кои се подигнати споменици во западниот дел на Македонија. Дали тука спаѓа и споменикот на Џемо Хаса во село Симница? Би требало, иако од тоа нема да има ништо. Така, Македонија ќе остане единствена земја во Европа во која се подигаат споменици на фашистите и нивните соработници.

Пред седумдесет години, Владо Малески, во текст објавен во празничниот, велигденски број на “Нова Македонија“ за 5, 6, 7 мај 1945 година, пишува дека ноќта меѓу 3 и 4 мај “при една акција на првиот баталјон на Третата бригада, беше убиен познатиот бандит Џемо“. Притоа Малески ја имал предвид “службената верзија“, објавена од тогашната народно-ослободителна власт во Македонија, за ликвидацијата на Џемо Хасани, односно Џемо Балистот или Џемо Симница. Во текстот на Малески понатаму се вели:

“Во последно време, со последните остатоци од своите најверни луѓе, Џемо се криеше во тетовската околија. Таму го најдоа војниците од Народната одбрана и во борбата која се водеше над село Ѓурѓовиште беше отепан Џемо, најголемиот крвник на нашиот народ, верен слуга на фашистичките окупатори.“

“После капитулацијата на Југославија, италијанските фашисти, кои ги окупираа краиштата на западна Македонија, успеаја да меѓу албанското население од тие места пронајдат слуги за спроведување на својата империјалистичка политика. Притоа, ако му се додаде и фактот да меѓу македонското и албанското население постоеше антагонизам создаден со децении, било од едните или од други окупатори, а нарочно потенцирани од големосрпските дерикожи – тогаш сосем јасно ќе ни биде зошто ‘дучевите’ пратеници така брзо успеаја да најдат меѓу Албанците од тие места свои експоненти за спроведување на мрачната разорна политика. И како резултат на таа политика на окупаторските власти останаа урнатини од селата, во црно завиткани мајки и пресни гробови на стотици синови и ќерки на нашиот народ – дело на италијански фашистички банди и нивните верни албански башибозучки слуги“, – пишува Малески во втората недела на мај 1945 година, во празничниот троброј “Нова Македонија“, и продолжува:

“Но, ако зборуваме за тие злочини – извршени на таа територија, ние ќе се сопнеме на синонимот на разбојништвото – Џемо Симница, верно куче на секој господар – убиец, професионален качак и бескрупулен кољач. Името на Џемо е сврзано со илјадници злочини за кои не постои мерило со кое би се измерила тежината на истите.

Баш во моментот кога народно-ослободителното движење на таа територија застануваше на кревки нозе, Џемо – бившиот кључар на гостиварскиот затвор – со своите ‘верни другари’ го опколи одредот и успеа да ги зароби другарите Душан Попович – Ѓока од Скопје, Драги Тодоровски од Маврово, Ристо Сарович од Крушево, Трифун Антонов, Раде Манојлов од Маврово и другарот ‘Смок’.

Тие другари беа предадени на италијанските карабињери и на 17 мај 1943 година обесени во тиранскиот затвор. Како одговор на тоа – граѓаните на албанскиот главен град излегоа на улица да демонстрираат против ѕверството на окупаторот извршено над синовите на братскиот Македонски народ. Тој ден во Тирана беа затворени дуќаните во знак на протест, а учениците носеа црно жалејќи ги искрено своите македонски другари.

Италијанските фашисти требаше да видат тогаш дека братството меѓу Македонците и Албанците се зацврснува, уште повеќе кога окупаторот и за едните и за другите е ист. Но, баш затоа, плашејќи се од таа солидарност на два поробени народи, отпочнаа најцрните дни во историјата на македонското насление во тие места. Страв и трепет стана името Џемо. Мирните селани од гостиварско и тетовско беа убивани и пљачкани по пат – за на пазар, во нивните сопствени куќи, на бачила. Џемовците уценуваа побогати селани. Цели села. Но, на злочините им немаше крај. Почнаа да горат села во Копачијата, кичевско и Дебарца.

Италијанските газди им рекоја: ‘Палите, убивајте – имате ‘карта бјанка’ – и се крена илјаден башибозук, кој со пушка, кој со стап – а на чело на подивените вјаваше на бел коњ Џемо Симница со шарени реденици на гради и со кубури ‘седефлии’ на појас, до него ортак му Мефаил, а со качаците на Џемо неговиот ‘аѓутант’ Акиф Речани. Пламнаа Кленоец, Потоец, Малкоец, Душегубица, поулавеа силуваните девојки, како снопје паѓаа пострелани жени и старци. А после се редеја село по село: Никифорово, Леуново, Маврово, во дружба со германските бандити една ноќ ја осветлиа целата Дебарца.

Високо се дигна пламенот од Црвена Вода, Песочани, Белчишта, Турје, Мраморец, Врбање, Годивје, Слатино и други. Во месец септември 1944 година помошникот на Џемо, Акиф Речани, опколи наши другари – партизани и позадинци во село Беличица – од кои малку се спасија, а меѓу запленетите остана Тодор Циповски – Мерџан, кој тогаш идеше на својата нова должност, политички комесар на Првата бригада. Целото село беше запалено, а во огнот фрлени жени и деца да се така насладуваат џемовците на смртта на своите жртви. Над пискотниците на изгорените, над офкањата на недогорените се слушаше садистичкото смеење на професионалникот убиец Џемо Симница.“

“Братството меѓу Македонците и Албанците уште повеќе се зацврсти по убиството на Џемо!“

Својот текст за ликвидацијата на Џемо, Владо Малески го завршува со следниве неколку реченици: “Со ослободувањето се тури крај на маките на народот од западна Македонија. Братството меѓу Македонците и Албанците кое се создаваше во заедничката борба против окупаторот и домашните слуги – уште повеќе се зацврсти.

Веста за убиството на ‘мајор’ Џемо се прими со голема радост како кај Македонците, така и кај Албанците. Албанците многу арно се сеќаваат за убиствата и палењето на Џемо и неговите банди во Корча и околината. Тие знаат дека Џемо им беше непријател и ним.“

Овој текст, објавен во “Нова Македонија“ пред повеќе од седумдесет години, е потпишан од Владо Малески – Тале, а со текстот е објавена и фотографија на која се Џемо Симница, Лек Миѓини, Зејнија, Шаип Чајле, како и Абдула и Мусли, браќата на Џемо.

Според текстот, Џемаил Хасани е ликвидиран ноќта меѓу 3 и 4 мај 1945 година, но ОЗНА организирала потера по Џемо уште во почетокот на 1945 година. Во март истата година била воспоставена соработка со Риза Раифи, роднина на Абдула Зибери, Абдула Амити и Назиф Амити, телохранителите на Џемо.

Соработникот Риза Арифи се обврзал заедно со телохранителите да го заробат или ликвидираат Џемо, а ОЗНА за возврат им ветила слобода, иако веќе имале извршено страшни злосторства врз Македонците во Западна Македонија.

Според историчарите, Џемо и неговите соработници во текот на Втората светска војна предизвикале огромни штети и големи страдања меѓу населението, односно Македонците, но и меѓу дел од Албанците, кои многу повеќе биле тероризирани, убивани, ограбувани, силувани од балистичките чети, отколку од италијанските и германските окупатори.

Самиот Џемо Хаса со своите истомисленици бил соработник на окупаторските војски на Италија и на Германија, а неговата борба била насочена кон создавање Голема Албанија.

Кој е Џемо Хаса?

Во верзијата што е објавена подоцна, во мај 1945 година, офицерите на ОЗНА заминале за Гора, каде што одржале средба со телохранителите на Џемо, при што им била покажана главата на Џемо, донесена во вреќа. Притоа, за нивна заштита, ОЗНА објавила дека Џемо е убиен во акција на припадниците на ЈНА.

Според официјалните документи, Џемаил Хасани е роден во село Симница, Гостиварско во 1908 година, а бил убиен ноќта меѓу 3 и 4 мај 1945 година во селото Беличица, Мавровско. Џемо Балистот, Џем Хаса или Џемо Симница бил балист од Македонија, лидер на Бали Комбетар за Западна Македонија.

Според италијански архивски документи, Џемо Симница, клучар на гостиварскиот затвор, како што пишува Малески, за крвавите услуги што ги правел за фашистите во Втората светска војна, добивал месечна плата од 50 илјади лека. Во историските записи, Џемо Хасани од Симница растел во сиромашно семејство, па уште како дете почнал да работи како земјоделец на татковиот имот.

По приклучувањето на Албанија кон фашистичката оска, заминал да војува во јужниот дел на Албанија, а за својата преданост кон кралскиот двор е прогласен за воен офицер лично од кралот на Албанија, Ахмед Зогу.

Во текот на 1941 година се враќа во Македонија, каде започнува со неговите ѕверства врз македонското население. Дејствувал во цела Западна Македонија. Во почетокот на 1945 година, Џемо Хаса со триста балисти, во близината на мостот на река Маздрача, кај село Жеровјане, на патот Тетово-Гостивар, поставил заседа за една од македонските партизански единици, при што биле заробени и стрелани седум борци на одредот.

Во почетокот на мај 1945 година, ОЗНА на Македонија организирала потера по Џемо, кој со вооружени групи се движел низ Албанија и западниот дел на Македонија. Во март истата година бил воспоставен контакт со Риза Раифи, роднината Абдула Зибери, Абдула Амити и Назиф Амити, телохранители на Џемо.

Соработникот Риза Арифи се обврзал заедно со телохранителите да го заработат или ликвидираат Џемо, а ОЗНА за возврат им ветила слобода. Сепак, Зибери и браќата Амити не го почитувале договорот со ОЗНА, односно се приклучиле кон групата на Шаип Садику, па во 1948 година групата по налог на албанската тајна полиција “Сигурими“ влегла во Македонија и на Косово, вршејќи оружени напади врз војниците на ЈНА.

Во една од акциите, луѓето што го убиле Џемо по налог на ОЗНА, биле заробени и осудени на долгогодишен затвор.

🇲🇰🇲🇰🇲🇰ВМ 🇲🇰🇲🇰🇲🇰🇲🇰