ЧОВЕК

ЧОВЕК

Текстот е преземен од страницата/блогот на Горан Ковачев. Еден човек, едно време…

————–

Босата
Posted on 21/07/2014
Минатиот четврток во Велес, на 95-годишна возраст почина Јован Босотов – БОСАТА. Дедо ми. За поголемиот дел од читателите тоа е само уште еден згаснат живот на човек во поодминати години, на некој на кого „му дошло редот“ или како што некои кажаа на човек кој „си ја испил чашата“. За нас, неговото семејство тоа е една ненадоместлива загуба на татко, дедо, чичко…Меѓутоа, неговата смрт е и една огромна загуба за неговиот град Велес – интелектуалниот центар на Македонија во кој го помина скоро целиот свој живот.

„Босата со својот еден век живот е симбол на градот исто како и Саатот“ изјави еден негов долгогодишен пријател изразувајќи ни сочувство. „Со смртта на Босата умре и градскиот живот во Велес“ – додаде друг. Последниот „френк терзија“ во градот и еден од последните доскоро живи ослободители на Велес кои со 8-та Велешка ударна бригада триумфално вмарширале во градот доцна попладнето на 9-ти Ноември 1944 година. Босата и Саатот беа нераскинливо поврзани. Не попусто, човекот кој 88 години од својот живот помина во велешката чаршија имаше свои кројачки дуќани токму под и околу Саатот. Секогаш одеше гордо и исправено, небаре се натпреваруваше кој ќе биде поисправен, тој или неговиот пандан.

Босата или мајстор Јован, како што уште беше познат беше голем човек, со огромен дух, нескротлив карактер, неизмерна храброст и бескраен пркос. Знаеше на изворен велешки дијалект на кој е напишан и Манифестот на АСНОМ да каже: „никогаш да не би`еш с`чко и да не се плашиш од ништо и од нико`о“. Имал бурен живот исполнет со секакви контроверзи. За време на ропствата, едните го тепале оти имал „српско“ име, а другите оти имал „бугарско“ презиме. Окупаторите го малтретирале оти бил „комунист-шумкар“, а комунистите оти бил „буржуј“ со свој сопствен дуќан и огромен наследен имот – секако подоцна национализиран. Но никогаш не потклекнал. „Да не си забора`ил кој си, ш`о си и од кај си!“ ќе знаеше да згрми.

Неговите приказни од детството и младоста беа бескрајни:

– „Ко`а бев чирак со другарите се качуевме на Саатот и у трите го курдисуевме да чука к`о за двата за да и`аме уш`е е`ен саат поише да се бањаме на Јаниташ пред да нè викнат мајсторите“ или

– „Тато сакаше да би`ам касап, арно ама ја ги гле`ав предратните каваљери и сакав да би`ам к`о нив, оти месото го `рани телото, ама рубата ја `рани душата.“

За време на Народно-ослободителната борба како интендант за облека при Генералштабот на Народно-ослободителната војска бил задолжен за крој и одржување на униформите на командантите. Пред завршните операции за ослободување на Македонија и воената парада што требало да следи потоа, во Горно Врановци добил наредба да им сошие парадни униформи од најновата и најквалитетна чоја, претходно запленета од германски воз кој бил дигнат во воздух во околината на Богомила. Земајќи му мерка на Ченто, овој му рекол: „Боса, изгледа не си само ти што сакаш да ми ја земеш мерката“.

– „Ја тогај не знаев ш`о сака да каже, ама после тоа видов ш`о е работата“ – си спомнуваше стариот.

Никогаш не излегуваше од дома небричен и недотеран со неговите најпрепознатливи детали: машна, крпче во реверот и паларија.

– „Со лоша мисла и со лоши алишта никогаш да не си испаднал од дома!“ – му беше животна мантра на која секогаш сакаше да нè потсети.

Денес, Босотовското маало, помеѓу Соколаана и Прцорек, на кривината веднаш после Варналиите, спроти Аликара е празно. Секогаш кога ќе го поминам мостот „Гемиџии“ – мостот кој тој го поминуваше четири пати во денот (два пати на одење и два пати на враќање од дуќан) ќе ја гледам неговата сенка и ќе се потсетувам на детството и на неговата старечка мудрост.

Господ сакаше да нè напушти два дена пред славата на Свети Петар – патронот на кројачите. Кројачот на судбините на луѓето сакаше да си го прибере својот најстар чирак во Велес токму пред Петровден – денот кој Босата не пропушташе да го прослави заедно со своите колеги, занаетчии.

Драги мои велешани! Иако за Вас можеби има мало значење ве молам, секогаш кога ќе ги погледнете пожолтените фотографии или излижаните снимки од ослободувањето или ќе појдете во Музејот на македонската револуционерна борба и ќе ги видите униформите на Апостолски, Ченто, Брашнаров, Глигоров, потсетете се на вашиот сограѓанин чија игла, конец и мирна рака ги има сошиено.

А вие останатите кои неретко ги повикувате духовите на нашите дедовци кога го негирате нашето постоење, дојдете! Јас ќе ви кажам кој и што беше мојот дедо!

Нека ти е вечна слава и лесна македонската земја, дедо!

Почивај во мир!