ЦУЦУЛОВСКИ

ЦУЦУЛОВСКИ

АКО ТЕ СИЛУВААТ.

 

 

Пристигна Извештајот на германскиот правен експерт Рајнхард Прибе, поранешен директор на Директоратот за проширување на ЕУ. Штом чујам за нечиј извештај (макар бил на Прибе или на друг странски експерт) веднаш се сеќавам на следнава источна (мислам дека е кинеска) изрека: „Ако те силуваат, а ти не можеш да се одбраниш, тогаш уживај!“ Во неа, уверуваат, би требало да дојде до израз мудроста на Истокот. Дека, имено, во секое нешто може да се најде барем некое добро. Или, дека против реченето (судбината) не се може. Затоа, реалноста би требала да се прифати онаква каква е. Меѓутоа, и покрај мојот респект кон мудроста на Истокот, како и кон таканаречената реал-политика, промовирана од Сун Цу, Лудвиг фон Рохау, Ото Бизмарк, Карл фон Клаузевиц или Мао Це Тунг, во оваа изрека, сепак, не можам да најдам никаква мудрост, освен брутално подметнување на правото на посилниот, како и величање на слуганство на другиот, на помалку силниот. Таа е, во основа, израз на ропски дух, без каков било дигнитет.

Како и да е, во Извештајот на Прибе истакнато е, помеѓу другото, дека македонската држава била заробена. Како и нема да биде заробена кога секојдневно мора да им се повинува на ваквите извештаи, изготвени надовор, по различни поводи и мотиви? Како нема да биде заробена кога на власт се доаѓа онака како што се „дојде“ на 27.04.2017? Она што следеше потоа беше само реакција на „преземањето“ на власта. Некои сметаат дека второво (насилното влегување во Собранието) било однапред подготвено. Можеби. Но, тогаш следи дека и „преземањето“ на власта било, исто така, однапред договорено. Накусо, како што едно злосторство не оправдува друго злострство, така и едно незаконско однесување не оправдува друго незаконско однесување. Поинаку кажано, на 27.04.2017. во Република Македонија се случи безаконие – државата беше заробена. Според тоа, сите одлуки што власта ги носи, како и тие што допрва ќе носи, ќе бидат незаконски, бидејќи незаконското не може да роди нешто што би било законско.