Тања КАРАКАМИШЕВА

Тања КАРАКАМИШЕВА

Вистината за евро-атлантската интеграција на Македонија, онаа што сите ја одмолчуваат!

Концептот што Меркел го промовираше далечната 2006 година за привилегирано партнерство на земјите од Западен Балкан со ЕУ добива видлива прецизност и конкретност во форма на веќе промовирана стратегија, акциски план, конкретни рокови и политики.

И ако некој мисли дека Макроновото “не” за Македонија во октомври месец беше случајно и без координација со Меркел, нека престане да се занимава со политика, или нека не размислува политички додека не се едуцира соодветно.

Новата економска зона на земјите од Западен Балкан под специјален мониторинг (ублажен термин е партнерство, иако станува збор за класичен надзор) на ЕУ е разработен план на европските политичари што сега веќе како синхронизиран концепт Унијата отворено им го нуди на земјите од регионот, вклучително и на Македонија.

Сите во Унијата веќе аргументирано говорат дека нема бегање од овој концепт, дека нема раќање назад и дека тоа е иднината.

На земјите од регионот ќе им бидат понудени различни фондови за економско закрепнување, експертска помош за зајакнување на институционалните капацитети, отворен слободен пазар (налик на оној во ЕУ) со даночни и други ослободувања како и други погодности, НО, ВНИМАВАЈТЕ, цената за ваквата поддршка на Унијата ќе биде условена со ПОВЛЕКУВАЊЕ на апликациите што државите ги имаат поднесено до институциите на Унијата за членство во ЕУ.

Што значи ова?

Наједноставно, ова значи дека државите ќе треба да ја повлечат доставената апликација за членство во Унијата (Македонија ја поднесе апликацијата во 2005г.), затоа што Унијата тоа не може да го направи самостојно, односно нема механизам за такво нешто, а за возврат државите ќе добијат отворени врати за користење на програмите за помош од европската економска зона.

Што пак ќе значи ова?

Ако државите сакаат да добијат економска и финансиска поддршка од Унијата ќе мора да играат по нејзините ултимативни ноти.

Унијата им дава ултиматум на државите по принципот take it or leave it, а од државите ќе зависи дали ќе го прифатат или не. Ако не прифатат нема да добијат ништо, односно нека заборават на Унијата!

Унијата практично ја модифицира алатката на стапот и морковот на за неа пооптимална варијанта при што морковот повеќе не е членство во ЕУ, туку пари за финансиско одржување на државите.

И не случајно Србија во овие неколку месеци направи драматичен политички исчекор кон Евроазиската унија.

Сфатија српските политичари колку е часот со ЕУ и побрзаа да ја засилат својата економска моќ со финансиски инекции од ЕАУ за да станат лидер на Балканот.

Лидерската позиција на Србија на Балканот им е повеќе од потребна бидејќи насоката од Унијата е јасна, колку си економски помоќен, толку се поголеми шансите за добивање позиција лидер во располагањето со парите и со другите погодности дадени од Унијата.

Според моите информации, оваа економска зона ќе бара и одредена институционална поддршка на ниво на регион, што значи формирање на регионални органи и тела кои ќе ја олеснуваат соработката меѓу земјите.

Дури веќе циркулираат предлози на која земја ќе и припадне кое конкретно “министерство” во регионот.

Гледам нашиве поспани политичари не можат да фатат приклучок со концептов, и како по стар обичај ќе се стават на крајот на вагонот како последна дупка на кавалот дури тогаш кога ќе им биде наредено каде да бидат ставени, односно каде ќе биде нивното место.

Иако и сега им е испратен сигнал, што директно што индиректно, да се престројат на оваа шина, Заев и неговите пајташи молчат и не му ја кажуваат вистината на народот.

Уште реториката им е од 1995г. Изгледа таму им застанал умот!

Во однос на НАТО, не толку познат факт е дека и за членството во оваа организација секоја земја-членка може да постави критериуми што треба да бидат почитувани.

Да не се занемари фактот дека токму Франција и Холандија, најострите критичари за владеењето на правото во Македонија, се уште го немаат ратификувано Протоколот за нашето зачленување во НАТО.

Не се исклучува можноста во последен момент да бидат внесени

нови критериуми за Македонија посебно по неотесаните критики упатени на јавна сцена кон амбасадорот Тимоние и францускиот претседател Макрон!

Да не заборавиме дека отровните стрели беа испратени токму од перјаниците на Заев и неговите советници што дополнително ја отежнува целата ситуација.

На крај збор-два за одговорноста што ќе треба да ја носи Заев и неговата дружина поради ПРОМЕНАТА НА ИМЕТО, ИДЕНТИТЕТОТ И ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА.

Ако сите овие информации ми беа достапни мене, како обичен граѓанин во земјата, како човек кој не е директно вклучен во политичките процеси, тогаш како да се дефинира поинаку од предавничка целата оваа операција за разнебитување на Македонија од страна на власта?

Предавничка е затоа што овие “политичари” морале да знаат во која насока се движи европската политика, а сепак терале со продажба на се што е македонско, односно не се откажале од националната распродажба.

Предавничка е затоа што дозволиле Македонија да биде паричка за поткусурување на соседите и намерно ставање на земјата во подредена позиција.

Предавничка е затоа што со промената на името НЕ ДОБИВМЕ НИШТО од она што го имаа ветено- безусловно членство во ЕУ и НАТО!

За возврат добивме само внатрешен јад, немир, понижувања и невидени национални омаловажувања!

ТОКМУ ПОРАДИ СЕТО ГОРЕНАВЕДЕНО ОДГОВОРНОСТ МОРА ДА ИМА, И ЌЕ ИМА!!!

 

Т. Каракамишева

Скопје, 27.19.19