Севрџанска вукојебина – Црево Стоката ментор на џандарот криминалец

Севрџанска вукојебина - Црево Стоката ментор на џандарот криминалец
Целосна реконструкција на бегството: (Не)намерни пропусти во амбулантата, спроводот, полицајците, командирот…

Бегалецот Беким Мемети сам си ја расекол раката, осуденик ангажиран во затворската амбуланта препорачал да го носат во болница, командирот Срѓан Димитриевски му наредил на заменикот да изготви документ, па полицаецот му кажал и во кој дел на комбето да го смести. Вака отприлика изгледале миговите пред затвореникот осуден за обид за убиство и дрога да им избега на четворицата полицајци, од кои еден го повредил. Биле направени низа пропусти, кои укажуваат дека организираното бегство било помогнато од командирот и дел од полицајците кои сега се во притвор.

Кога избеганиот Мемети се пожалил дека има расекотина на раката, го однеле во домската амбуланта. Таму немало домски доктор, туку осудено лице кое било ангажирано за да преврзува затвореници. Му направил преврска на Мемети, па наместо да повикаат Брза помош, препорачал сега избеганиот затвореник да биде однесен во болница. Командирот  Димитриевски се сложил, по што била изготвена наредба.  Домската докторка Јулијана Ангелова, шеф на амбулантата, на прашање дали осуденикот кој постапувал во моментот кога таа не е на работа, е медицинско лице и смее да дава вакви препораки, како и дали била консултирана кога ја носел одлуката затвореникот да биде однесен во болница –  не одговори. Со препораката од домската амбуланта да се однесе затвореникот во болница, а не да се повика Брза помош, се направил првиот пропуст.

Командирот Димитриевски наредил да се изготви наредба за спровод и одредил кои точно полицајци да го спроведат. По ова следело сместувањето во полициското возило. Возилата со кои се превезуваат затвореници се поделени на три дела и сите се одделени едни од други. Првиот дел е делот на возачот, потоа дел каде седат затворските полицајци, па просторот каде се сместуваат затворениците. Според правилата и процедурите, сите затвореници се внесуваат низ задната врата на возилото. Во овој случај, затвореникот не бил сместен таму, туку во средниот дел, каде седат службениците. И овде е направен вториот пропуст.

Рутата по која ќе се движи возилото за спровод ја одредил еден од полицајците во комбето. Му кажал на возачот, во кој беше пукано, да вози по автопат. Во моментот кога се доближиле до бензинската пумпа на автопатот, полицаецот кој ја одредил рутата започнал да се преместува – при што се случил и клучниот момент на одземање на пиштолот. Бегалецот Беким Мемети, со повредена и преврзана рака, со лисици на рацете ја отворил футролата, го зел пиштолот и го репетирал, па пукал. Додека Мемети го правел тоа, полицаецот до него не реагирал.

Не еден туку повеќе куршуми биле истрелани од пиштолот на полицаецот кој ја одредил рутата, се преместувал, по што погоден бил и полицаецот-возач.  Вториот полицаец кој седел до Мемети излегол на спровод без пиштол, но и не реагирал. Повредениот полицаец го запрел комбето, додека затвореникот, со повредена рака, лисици и пиштол ја отворил вратата и се качил во „аудито“ кое го чекало пред полициското возило.

Беким Мемети е лице од висок безбедносен ризик бидејќи е осуден на над 20 години затвор, притоа за тешки кривични дела како обид за убиство и дрога. Нема одговор од директорот за санкции Марјан Спасовски и Управата на прашањата зошто не била побарана полициска асистенција, што е пракса во вакви случаи. Втор ден молк од Спасовски и Управата и на прашањата зошто не била повикана Брза помош да го прегледа затвореникот, па да воочи дали треба да се носи во болница. Со оглед дека директорот Спасовски предлага разрешување на директори на затвори, молк и за тоа дали Шпенд Тахири прв човек на КПУ „Идризово“ ќе понесе одговорност.

Како што објавивме за командирот и двајца полицајци е одредена мерка притвор. Кривичниот суд сметал дека тие можат да се дадат во бегство. За еден има одредено мерка на претпазливост.

Полициски службеник бил фатен за земање мито, осуден и избркан од МВР. Од таму добил отказ, па станал командир во затворот. Тој беше дежурен командир и за време на новогодишната вечер, кога млад затвореник беше брутално претепан. Директорот за санкции, Марјан Спасовски во интервјуто од пред два дена, кажа дека бил запознат со сите овие факти, но не гледаше зошто би го тргнал од функцијата – командир. Тој додаде и дека контактира лично со командирот Димитриевски, но не сакаше да ги покаже пораките во неговиот телефон.