Ристо НИКОВСКИ

Ристо НИКОВСКИ

НАШЕТО ИМЕ: МАКЕДОНИЈА И СЕ’ Е МОЖНО

 

Доколку Македонија имаше било каква стратегија за името, а никогаш ја немаше, првата точка секако ќе беше – во никој случај не смее директно да се преговара со Грција. Така е бидејќи не можеме да бидеме ставени во понеповолна позиција отколку да бараме решение во директен дуел со Атина. Која би била поентата во таков случај? Да инсистираме на разбирање кај нив, како што започнаа нашиве сега? Да молиме милост или благородност за нешто што се нивни непремостливи историски синдроми кои траат најмалку 150 години? Да очекуваме објективност а тие не прифаќаат дека ние постоиме, дека не има како народ, јазик, култура?…

И, не само што влеговме во директни преговори туку се согласивме другата страна, која го наметна спорот и го бара невозможното од нас, да ни подготви и предложи текст на договор! Тоа не е само понижувачко туку може да не води единствено во тотален пораз. Ситуација во која би биле ние поинфериорни, не може ниту да се замисли.

Најкус заклучок е дека сме се согласиле Коѕијас да ја игра улогата на медијатор што, според мудроста на народот, значи кадија да те тужи и истиот кадија да те суди. Жалосно и срамно ама вистинито и реално. Македонија и се’ е можно.

Впрочем, каде е Нимиц? Кој и зошто го исфрли од играта во клучните моменти? Тој воопшто не е објективен веќе одамна и, скоро отворено, ги подржува Грците ама, формално, настапува од името на ООН и тоа, сепак, повлекува одредена одговорност која обврзува. Неговата еднострана насоченост не е случајна: од самиот почеток, тој работи за и во име на САД, што е нашиот најголем хендикеп. Тоа го знаат сите инволвирани ама – молчат. Штетата е наша. Кој  го исфрли Коѕијас сега во главна улога, треба да се испита. Барем да се знае дали е грешката наша или ни беше и тоа наметнато.

Клучна потврда дека Нимиц во спорот ги претставува САД е фактот што тој не е платен од ООН (формално прима 1,0 $ годишно, колку за да биде регистриран). А, неспорно е дека некој мора да го плаќа. Впрочем, зошто тој би работел бесплатно? Второ, и главно, во ООН нема никаков буџет за оваа медијација, што е апсурдно. Едноставно, тоа значи дека трошоците на медијацијата ги покрива некој друг, вклучувајќи ги и подготовките на сите предлози и “пакети“ кои во последните скоро 20 години ни ги пласира Нимиц. Не е возможно дека самиот е автор на истите. Освен САД, може ли некој друг да стои зад тоа?

Најавата дека следната недела, откако грчкиот ултиматум во вид на договор ќе ни го испорача Коѕијас, во Виена наводно ќе се сретнеле министрите или офицерите за врска, или сите заедно со Нимиц, е само ново замајување на  јавноста дека има некаков континуитет во посредувањето. Атина ги презеде работите во свои и раце и сите други можат да бидат само нивни асистенти. Вклучувајќи го и Нимиц.

Не смее да има дилеми дека најмалку 90 проценти од суштинските делови на предлог-договорот на Коѕијас ќе бидат апсолутно не прифатливи за нас. Ако се обидеме да го амандмираме нивниот текст, можеме само подлабоко да заглавиме во нивните замки и замисли. Тоа значи дека нашиот одговор  мора да биде дека ние ќе им предложиме нов нацрт. Ако имаме три чисти, се разбира, што е тешко да се очекува. Во секој случај, пред и да реагираме, под итно треба да се бараат врвни странски експерти, кои ќе бидат главни (слично на Хаг) и да се регрутираат домашни, кои од секој аспект ќе го разгледаат добиениот текст и ќе работаат на нов предлог. Ножот е до коска и време за губење – нема. Одговорноста е историска и несоодветното однесување, порано или подоцна, неизбежно ќе покрене одговорност за надлежните.

Македонија е сосема плански и организирано доведена до ова дереџе, во скоро безизлезна ситуација. Да се обидеме да објасниме само една димензија. По распадот на Југославија, од многу практични причини, својот проблем со нашето име Грците веднаш го интернационализираа. Со тоа, Грција максимално ја зајакна својата позиција. Токму затоа, билатералниот карактер беше сосема игнориран и, иако привремено, оставен на страна. Идејата за тоа секако не беше само нивна. Атина не беше сама во проектот за бришење на Македонците како народ бидејќи името беше само повод и ништо повеќе. Имаа широка меѓународна поддршка и разбирање а сметаа и на солидарноста во рамките на ЕЗ. Интересите им беа компатибилни со (нај)значаен странски фактор, кој имаше нагласени регионални амбиции.

Така, со проблемот прво се занимаваше Европската заедница (ЕЗ сега ЕУ) која долго не ја признаваше Македонија и покрај јасниот предлог не нејзината Комисија, предводена од Бадентер, дека само ние и Словенија ги исполнуваме критериумите. Откако Брисел долго не држеше под вода, проблемот го префрлија во ООН, во Њујорк. На крајно нелегален и непринципиелен начин, со флагрантно кршење на Повелбата (Уставот) на ООН, таму, пак – а) ни го суспендираа уставното и историско име од меѓународна употреба; б) ни наметнаа референца или код за идентификација бидејќи не оставија безимени и в) ни подметнаа медијација која, како што видовме погоре, целосно ја презедоа САД, игнорирајќи го ООН. Ако имаше буџет за медијацијата во ООН, ќе постоеше обврска тој секоја година да се обновува што ќе значеше и потреба од редовни извештаи до каде се работите, што е постигнато и што следи. Тоа не им одговараше на САД бидејќи сите ќе видеа дека медијацијата е одамна потрошена, не дава резултати и ќе мора да се прекине што неизбежно ќе водеше до враќање на нашето уставно име во употреба во ООН. Вака, веќе долги години нема никаков извештај и Вашингтон без проблеми ги реализира своите балкански политики. По обичај, ние си молчиме, како да не сме заинтересирани.

Откако Македонија веќе беше осакатена на меѓународен план (не призната, оставена без име, присилена на медијација…), менаџерот на процесот повторно го врати проблемот во билатерални води бидејќи Македонија на тој начин најлесно ќе биде обезличена. Тоа беше постигнато со Привремената спогодба (ПС), подготвена и наметната од страна на САД, за која цел беше употребен дури и сега покојниот нивни “булдожер“, Холбрук. Истата беше потпишана на 13 септември 1995 година во Њујорк. Симболиката е јасна – таа е привремена што значи ќе има и друга. За да нема недоразбирања, се обврзавме таа да важи се додека не се замени со дефинитивен договор (член 23). Така, целиот процес повторно е билатерален, улогата на СБ на ООН се бриши бидејќи таму има и други важни членки кои евентуално можат да ги попречат концепциите на САД. Не треба да се нагласува дека кај нас ниту некој ја разбираше ниту сега ја сфаќа ваквата улога на ПС. Но, тоа е наш проблем. Сега се соочуваме со последиците, кои се трагични. Дозволивме главна ѕвезда да стане Коѕијас. Грција го води орото а ние, ко слепци, дозволуваме да не тераат каде што им одговара и да ни го наметнуваат невозможното.

Привремената спогодба, за која нашите правници (Т. Дескоски, на пример) пишуваа дека е наш (голем?) успех, во суштината има катастрофални последици. Не само заради обновувањето на билатералниот карактер на спорот иако е тоа суштинско. Со неа е целосно девалвирана нашата севкупна позиција. Така, во споредба со резолуцијата на СБ на ООН, 817/93, во неа се користи нов речник кој е апсолутно во корист на Атина: а) медијацијата станува – “преговори“; б) “разликата“ околу името се претвора во “разлики“, што значи дека не е само името во прашање туку и идентитетот, јазикот…; в) прифативме дека нашето име е спорно; г) се откажавме од Македонците во Грција; д) прифативме промена на знамето; ѓ) се откажавме од правото да бараме правда во Судот во Хаг, за нерегуларностите во СБ на ООН при нашиот прием… И, за сето тоа не добивме ништо за возврат. Единствената наша придобивка од ПС, обврската на другата страна да не ги попречува нашите интеграции – веќе не важи.

Нашата неукост и аматеризам беа крунисани со ратификацијата на оваа спогодба во Собранието, иако таква обврска немаше. Таа автоматски стапуваше во сила 30 дена по потпишувањето. Се разбира, Грција не направи таква глупост. Не знам кој наш мудрец ја иницираше ратификацијата ама таа дополнително ни ја девалвира позицијата во спорот бидејќи официјално потврдивме дека – а) името ни е спорно;  б) го прифаќаме нелегалниот и нерегуларен прием во ООН; в) сме согласни за дефинитивен договор со Грција; г) преговараме за името иако во прашање е медијација; д) во прашање се “разлики“ а не “разлика“ околу името… Се’ се тоа непростливи грешки кои продолжуваме да ги правиме и прошируваме сите години кои следат.

Во врска со преговорите со Грција и нивниот нацрт договор за решение на спорот, само да потсетиме дека светското искуство е дека не треба да им се верува на Данајците (Грците) и кога ти носат подароци. Замислете што ќе ни донесат со текст кој треба да ги реши нивните проблеми со нашето име?

На крај, да ги спомнеме и залагањата на “експерти“ како Фрчкоски дека решение треба да се бара преку потпишување на некаков обврзувачки меѓународен договор (какви се другите?), со кој ќе се елиминира нашиот Устав, поточно ќе биде над него. Поголема глупост, долго не сме чуле. Прво таквите договори се обично мировни (Букурешт, Версај, Лозана…) и условите ги диктираат победниците во војните на сметка на поразените. Македонија не е никаков агресор ниту победена страна. Второ, кој нормален политичар би бил спремен да потпише меѓународен договор со кој го игнорира Уставот на сопствената земја? За такво нешто може да следи дури и смртна казна, таму каде што ја има. Но, кој вели дека кај нас нема да се најде таков?

Никовски

Март, 2018