Лазар Партиков

Лазар Партиков

ВО ЦЕНТАР
Кутри Васко…синоќа, го гледав видеото на Васко Ефтов,во кое прави „анализа“ на резултатите и „инженерингот“ направен во првиот круг од локалните избори 2021. Да бев странец , некој кој живее во Тананарива или во Занзибар, ќе ми станеше жал за кутриот лидер на СДС, кој е маченик и жртва на инженеринг од страна на Бранко, истиот оној Бранко, кој го аболираше за криминал тежок осум милиони евра, а место да се опамети момчето од провинција, си продолжи по стариот терк и за секоја завршена работа бараше поткуп, за што имаше и видео, снимено со посебно истражни мерки, но единствено судијката што го водеше случајот и донесе ослободителна пресуда, не виде поткуп на снимката.
Истиот тој Заев, додека беше во опозиција се закануваше дека ќе јадат живи луѓе кога ќе дојдат на власт, па самиот Васко му однесе бурек, но изгледа по добриот кеш, заборавил, па сега од него прави жртва и врвен политичар, прогресивен, кој треба да не однесе напред, во светла иднина, а сите околу него се лошите. Слушајќи го Васко како стопати повторува иста лага, на моменти чувствував грижа на совеста дека сум гласал против СДС и „интересите на државата“ со сменето име, за кое долго плачеше Ефтов, но одеднаш, по добиените големи пари, веројатно се просветлил , па сега сака да се опаметиме и ние, простосмртните, кои не гледаат подалеку од носот и треба да веруваме не на она што го гледаме, туку на она што се обидува во главите да ни го напика Васко.
Во неговата таканаречена „анализа“ немаше ни трага на лошото владеење, на заробената држава, на заробеното обвинителство и судство, на селективната правда, на немањето на чувство макар и за морална одговорност. Не се ни спомнаа четиринаесетте изгорени пациенти во тетовската модуларна болница, за која истрагата се уште трае, а кабелот бил крив… извини Васко, тоа не поминува ни во Уганда. Васко не спомна ни за 215 издадени пасоши на балкански нарко-босови и платени убијци, а одговорноста падна на ситни шалтерски работници. Не спомна ни за „ерменската афера“, во која беа вмешани лица од Министерството за надворешни работи, која претставува голем меѓународен скандал и срам за нашата држава, а за која нема разрешница.
Не спомна ни дека истиот Заев, кој ветуваше правда и правна држава, откако без победа на избори, калето го намести за премиер, застана на чело на комисијата, која требаше да прави реформи во судството. Уште тогаш, од таа комисија се повлекоа правните експерти, кои учествуваа во „шарената револуција“ и видоа колку е часот… а и Васко знаеше, ама сега молчи, зашто сигурно дебело е платен.
Васко, и врапците знаат дека кај нас владите паѓаат или изборниот инженеринг се подготвува на Калето. Не треба премногу да се трудиш да ни објаснуваш теории на заговор. Незадоволството беше огромно. Васко не спомна дека на овие избори имаше 60 000 неважечки гласови. Дали мисли дека народот е прост и не знае правилно да гласа или на тој начин , оние што требало да го дадат својот глас под притисок за СДС, се појавиле на гласачкото место, но гласот го направиле неважечки, не сакајќи некој да им го гази достоинството.
И кутри Васко мисли, како секој добар гебелсовец, дека стопати повторената лага, станува вистина, па од петни жили се обидува да им всади во главите на гласачите да се освестат за вториот круг и да го дадат својот глас за прогресивците, чие сидро веќе добро е закотвено на дното.

 

Л. Партиков

24.10.21 – Куклиш