КАРАКАМИШЕВА

КАРАКАМИШЕВА

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска

Специјален Трибунал за Македонското прашање

 

Во целата своја историја на постоење, подалечна и понова, Македонскиот народ бил и е соочен со класичен духовен, ментален геноцид од страна на властите на соседните држави, но и пошироко. Според Конвенцијата на ООН за заштита и превенција од геноцид, ова казниво дело влегува во групата на дела против човештвото и е дело што никогаш не застарува без оглед на тоа колку време е поминато од сторениот геноцид.
Конвенцијата на ООН во член 2 зборува за два елемента на геноцидот: ментален (духовен) и физички. Овие два елемента упатуваат на фактот дека Конвенцијата и меѓународното право воопшто не го штитат човекот, припадник на одреден народ или група само од физичко убивање, елиминирање на неговите членови, нивно целосно или делумно физичко истребување, или од егзодусот на народот, туку го штитат и од нанесената духовна, ментална болка што настанала поради извршените геноцидни активности и дејствија.
Чл. 2 од Конвенцијата вели дека „менталниот елемент на геноцидот е во намерата, целосно или делумно, да се уништи една национална, етничка, расна или религиска група, и да им се нанесе ментална болка на членовите на групата“.
Иако, според многумина познавачи на оваа материја, најтешкиот дел за утврдување е самата намера да се нанесе ментална болка, или да се констатираат духовните, менталните растројства и грижи кои настанале поради сторените геноцидни активности, сепак не станува збор за невозможна мисија. Напротив.
Секоја намера, па дури и најспецијалната, dolus specialis, ако има правна и политичка волја од оние што ја истражуваат може да биде разоткриена, соодветно дефинирана и казнета. Посебно ако на страната на групата (народот) која тврди дека и е извршен брутален геноцид за тоа тврдење може да презентира милиони докази, стотици снимени аудио и видео материјали, лични фотографии на лица кои биле субјект на геноцид, нивни индивидуални сведоштва, ако постојат уште живи сведоци, пишувани дневници, мемоари… Доволно е само да се презентираат стотината документарни филмови снимени во врска со извршениот егзодус на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, доволно е само да посведочат се уште живите Егејци за личните трауми, за траумите на нивните членови на семејствата, за траумите низ кои поминале при класичниот егзодус извршен од страна на тогашните грчки власти, за специјалната намера на извршениот егзодус да излезе на површина. И не само тие докази.
Можеме да приложиме уште безброј други архивирани и веродостојни докази што лежат во Државниот архив на Македонија, но и во личните библиотеки на многу наши историчари и хроничари кои ќе ја отсликаат и доловат на најавтентичен начин уникатноста и специјалната природа на геноцидот извршен врз нашите Македонски браќа и сестри. И она што е најважно е дека се уште постојат живи сведоци-жртви на геноцидот, кои биле таргетирани со геноцидот само поради своето реално припаѓање и самоидентификување како членови на Македонскиот народ.
Оттука, Македонски интелектуалци, патриоти, чесни граѓани на Македонија, сите добронамерници. Дајте еднаш за секогаш да им се одолжиме на нашите браќа и сестри Македонци кои само затоа што биле Македонци страдале и бегале од геноцидните соседни власти. Дајте еднаш за секогаш ние како Македонци да застанеме во одбрана на нашата кауза и нашите интереси!
Дајте да ја презентираме пред целиот свет, пред Обединетите нации, нашата мачна, болна и траорна историја на постоењето и живеењето, но и нашата Македонска историска и современа голгота за да го затвориме ова прашање во наш интерес.
Дајте нашата заедничка национална и интелектуална енергија да ја насочиме во вистинска насока и да издејствуваме, најнапред, кај Специјалниот претставник на Генералниот секретар на ООН што е задолжен да се грижи за спроведување на Конвенцијата за спречување и заштита од геноцид и неговата канцеларија, а потоа и во Советот за безбедност да се основа Специјален трибунал за Македонското прашање со мандат да ги идентификува и докаже сите до сега сторени геноцидни активности против Македонците.
Специјалниот претставник преку својата канцеларија е должен да ги мобилизира силите на системот на ООН и државите-членки за да се преземат ефективни акции како одговор на загрозениот народ. Работата на Специјалниот претставник е заснована на премисата дека ваков вид криминал не се случува преку ноќ, туку дека станува збор за подолгорочни процеси кои бараат подолгорочно планирање, подготовка и реализација.
Ние, Македонците можеме да ги докажеме сите извршени геноцидни дејствија и активности врз нашите Македонски браќа и сестри, но имаме докази и за современиот геноцид кој е во тек.
Мораме да побараме од Специјалниот претставник за заштита од геноцид, Сенегалскиот правник Adama Dieng да оформи предмет по нашите доставени докази за извршени геноцидни дејствија, кој потоа е должен да го информира Генералниот секретар на ООН, а преку него, и Советот за Безбедност за сите доставени сознанија и докази.
Специјалниот претставник може да даде совети за превентивна акција, но има право и да го мобилизира системот на ООН и другите клучни партнери за сериозноста на ситуацијата во земјата, со цел да се засили колективниот капацитет за заштита од геноцид.
Од друга страна, треба да му се обратиме и на Иван Шимоновиќ, Специјален советник на Генералниот секретар за заштита на одговорноста на државата кој е должен да делува како катализатор за зголемување на свесноста за причините и динамиката на извршениот геноцид, и има обврска да ги алармира релевантните актери и да ја мобилизира енергијата во насока на истражување или спречување на геноцидните активности.
Колку специјалните претставници ќе бидат „нахранети“ со наши документи, архивирани докази за се што Македонците имаат преживеано во историјата, но и денес, толку нашата мисија за основање Специјален трибунал за Македонското прашање ќе биде поуспешна. Затоа, ајде да ја „бомбардираме“ ООН со докази, документи, материјали.
Почитувани сограѓани, интелектуалци.
Преговорите за името се дефинитивно завршени. Мобилизацијата за одржување протести на целото грчко општество од страна на актуелната власт, Грчката Црква како авангардна и главна националистичка сила на Грците укажуваат дека преговорите за Грците се завршени. Македонците се оставени на цедило. На Македонците им се копа колективна гробница и од внатре и од надвор.
Нашиот спас е во нашата гласност, да дознае светот, целиот свет со што сме се соочувале и се уште се соочуваме како мал народ.
Преку подигнување на нашиот глас ќе го привлечеме вниманието на сите други народи. Преку јавното и гласно кажување на нашата мака ќе добиеме и нови сојузници и нови народи кои ќе застанат во одбрана на нашата посебност и автохтоност.
Да бидеме разумни, сконцентрирани и интелигентни и да сработиме заеднички проект во конечна одбрана на МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ!
СПЕЦИЈАЛЕН ТРИБУНАЛ ПРИ ООН ЗА МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ Е РЕШЕНИЕТО!