За сите оние што “ЧЕСТИТАА” обезименување на МПЦ

За сите оние што "ЧЕСТИТАА" обезименување на МПЦ

УШТЕ НЕ СМЕ СТИГНАТИ ДО ДНОТО
Грчкиот портал “Фос Фанариу“ (Светлината на Фанарот), веднаш по одлуката на Вселенската Патриаршија за “признавање на МПЦ-ОА“, објави и коментар со појасненија за суштината на таа одлука.

Анализата на д-р Атанасиос Вавускос опфаќа повеќе прашања: можните прашања за дејствување на СПЦ, усогласеноста со Преспанскиот договор, важноста на името. Според него, дури и “Охридска Архиепископија“ е преголема дрскост, зашто историската црква со тоа име има документирано византиски карактер.

Ако имате чувствителен стомак, прескокнете го текстот.
Ако пак можете да го прочитате до крај без да ви се згади, ќе научите доста работи. Меѓу останатото, со колкаво потценување се однесува таканаречената “Вселенска Патријаршија“ кон нас.

ЗА ОБНОВАТА НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА
Неодамна, во медиумите одново се појави прашањето за расколничката “Македонска Црква“, откако од страна на Српската Патријаршија беше објавена информација за преговорите меѓу нив, разбирливо, без целосна информација за содржината на преговорите.

Од една страна, овој развој на настаните беше во главно позитивен, бидејќи, напоредно со оптимизмот на СПЦ дека резултатот од преговорите ќе биде успешен, впечатокот беше дека проблемот што го оптоварува единството на СПЦ уште од 1967 наскоро ќе исчезне. А самото тоа не може да се окарактеризира како непријатна вест.

Од друга страна, разрешувањето на овој проблем не може да се постигне со само еден чекор. Да објаснам.

По мое мислење, проблемот може да биде решен на еден од следните начини:
ПРВ НАЧИН
Со обѕир на тоа дека постои канонска Охридска Архиепископија со канонски поглавар, Архиепископ Охридски и Митрополит Скопски, господин Јован, најсоодветно решение би било:

а) Да се назначи локален канонски пастир на неговото место
б) да се распуштат сите “синодски“ органи на расколничката црква
в) да се постават свештениците од сите чинови и монасите под канонска јурисдикција на новиот патријарх
г) да се преуреди црковната област во согласност со Статутот на СПЦ

Во овој случај, името на црковната област не би било проблем, зашто, нормално би било, канонското име да и биде или “Охридска Архиепископија“, или “Скопска Митрополија“, или комбинација од двата називи.
ВТОР НАЧИН
Покрај “нормалниот“ начин, опишан претходно, би постоела и можност да се игнорира фактот дека постои канонска митрополија и канонски поглавар, и со темелни измени да се ревидира канонскиот статус на црквата во државата Северна Македонија. Еден таков развој на настаните би не одвел до прашањето за името. Ајде да почнеме по ред.

Кога СПЦ би сакала да го преиспита канонскиот статус на црковната област, таа би требала да гледа на тоа низ призмата на решавање на еден внатрешен проблем. Решението би требало да биде насочено кон “канонска“ реинтеграција на областа кон “Мајката црква“, т.е. СПЦ. Оваа теза се потврдува со изјавите на Митрополитот Зворнички и Тузлански, Фотиј,  кои беа објавени и на грчки јазик, и во кои се вели дека СПЦ го разгледува само враќањето на расколничката црква кон СПЦ, а не и канонското одделување од неа. Според тоа, по мое мислење, не постои можност СПЦ да и додели на расколничката црква автономен статус надвор од вообичаените рамки за доделување автокефалност поставени од Вселенската Патријаршија. Навистина, не треба на ништо да му се радуваме предвреме, но во спротивен случај последиците би биле непредвидливи.

Да повториме уште еднаш: Постојат два начини за реинтеграција на расколничката црква во СПЦ. Оваа црковна област би се вратила во СПЦ: а) целосно, б) на полу-автономна или дури целосно автономна основа.

Гледано низ призмата на овие две можности, кога од планот за изнаоѓање решение би ја елиминирале канонската архиепископија и канонскиот архиепископ, тоа би водело кон преговори од сам почеток не само за прашањето кој ќе биде нејзин поглавар – на крајот на краиштата тоа воопшто не е наша грижа – но и за прашањето околу името на новата “канонска област“. А ова прашање е од непосреден интерес за нас како Грци, како на црковен така и на политички план, специјално денес во услови на правосилност на Преспанскиот договор.

Меѓу обврските што ги има преземено соседната држава, Република Северна Македонија, се следните:

а) Во член 7, став 1, двете страни (Грција и Северна Македонија) се согласни дека нивното заемно разбирање на поимите ’Македонија’ и ’македонски“ се однесуваат на различен историски контекст и на различно културно наследство.

б) во член 7, став 3, употребата на поимите “Македонија“ и “македонски“ од Втората страна (Северна Македонија) се однесува на нејзината територија, јазик, народ, и нема ништо заедничко со она што Грција го подразбира под истото име.

Од овие два става следи дека државата Северна Македонија е обврзана употребата на поимите “Македонија“ и “македонски“ да ги ограничи исклучиво на

1. на нејзиниот сопствен јазик, т.е. официјалниот јазик на државата
2. на нејзината територија, омеѓена со меѓународно признатите граници
3. на нејзиното население, т.е. на граѓаните што живеат во таа држава,
4. на нејзиното сопствено културно и историско наследство, кое се протега најрано до создавањето на Социјалистичка Република Македонија во 1944 година.

Според тоа, употребата на зборовите “Македонија“ и “македонска“ од страна на црквата на оваа држава како нејзино име или дел од името, е исклучена, бидејќи историското наследство на Охридската Архиепископија јасно и недвосмислено ги надминува јазичните, територијалните и историските граници зацртани во спомнатиот член од Преспанскиот договор. Добро е познато дека во географските граници на Северна Македонија постојат безброј сведоштва за византиското минато на Охридската Архиепископија, и нема потреба да се набројуваат историските извори кои сведочат за тоа.

Скапоцена помош при разјаснувањето на состојбата, “Deus ex machina”, би рекол, имаме во одлуката на Вселенската патријаршија од 9.мај 2022, со која Светиот Синод ги растера сите облаци кои би можеле да се појават во поглед на името на црквата од соседната држава, со што се спречува непријатниот развој на настаните кај СПЦ, без оглед на тоа дали таа ќе го решава прашањето на едниот или другиот начин.

Така, Вселенската патријаршија ги донесе следните одлуки:

1, се отповикува расколот, кој ја држеше “Македонската црква“ надвор од лоното на Православната црква
2. Се признава надлежноста на Светиот Синод на СПЦ да ја определи рамката на административните прашања за односите, со почитување на хиерархискиот ред и црковната традиција.
3. Се признава дека, и ова е најважно:

а) името на црковната област е “Охрид“
б) географските граници на областа се границите на Северна Македонија

На тој начин, одлуката на Вселенската патријаршија, заедно со спомнатиот член од Преспанскиот договор, го разреши проблемот на најдобар можен начин, елиминирајќи ја евентуалната можност Преспанскиот договор да биде прекршен со тоа што црковната област би добила име кое веројатно би ги содржело зборовите “Македонија“ или “македонска“ и со тоа би се создале додатни проблеми, како црковни така и политички.

Најважно од се, Вселенската Патријаршија го сочува единството на Православната црква, во согласност со светите канони.

https://fosfanariou.gr/index.php/2022/05/10/peri-apokatastasews-arxiepiskopis-axridos/