БОЦЕВСКИ

БОЦЕВСКИ

БЛУДНИЦЕ ВАВИЛОНСКА

Оваа седмица Македонија ја прослави стогодишнината од почетокот на Првата светска војна токму онака како што прилега, со достоинствен молк. Глобалниот печат е преполн со прикази што покажуваат како почна Првата светска војна, се препечатуваат весниците од судбоносните денови во јули 1914 година, а се изнесуваат и некои нови детали на површинаСепак, останува огромна мистерија зошто Европа си дозволи да зачекори во еден чудовишен конфликт по кој светот никогаш веќе нема да биде ист. И кај нас во регионот оваа седмица изминува во слична еуфорија. Се вадат документите од старите архиви, се гланцаат ордените на прадедовците и се прераскажуваат херојските подвизи на војските и на генералите. Единствено Македонците не се зафатени од оваа еуфорија затоа што Првата светска војна за Македонија беше само уште една крвава епизода во долгата сенишна низа на современата македонска историја. Македонскиот 20 век почна на Илинден, втори август 1903 година, во Крушево, кога пркосните македонски револуционери сакаа да го извадат европското јавно мислење од слаткиот дремеж на La Belle Époque (убавата епоха) и да укажат дека еден европски народ страда под синџирите на отоманското ропство. Апокалиптичниот восклик на Даме Груев „подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“ најдобро го отсликува чинот на македонското востание. На втори август 1903 година Македонија очекуваше помош и поддршка од соседите, особено од братските Србија и Бугарија, но и од тогашна демократска Европа. Никој од нив не дојде на Мечкин Камен во 1903 година, тогаш кога беа најпотребни, па затоа и не треба да ги зачудува македонскиот молк кога некои од нив се дрзнуваат да бараат некакви заеднички прослави на Илинден на Мечкин Камен.

Македонските револуционери, сепак, успеаја да го стават „македонското прашање“ високо на европската агенда, па последните години од отоманската администрација во Македонија почнаа реформи за вклучување на локалното население во управата, судството и во полицијата, додека, пак, по Младотурската револуција веќе израснуваа и првите никулци на демократијата на овие простори. За жал, Балканските војни и Првата светска војна ќе го пресечат овој развој. Сите бавно и грижливо градени постигнувања ќе бидат фрлени во вода кога балканските држави ќе ја распарчат територијата на европска Турција и на етничка Македонија.
Така што во предвечерјето на Првата светска војна Македонија е во сериозен шок. Новите државни граници го пресекуваат вековниот тек на луѓето и на трговијата. Грција веднаш почнува со своите геноцидни и етноцидни политики во грчка Македонија, битка што и ден-денес ја води преку наметнатиот „спор за името“, а во другите држави однесувањето на новите власти кон Македонците личи повеќе на колонијална администрација отколку на „ослободување на браќата“. Во овој период особено страдаат македонските црковни, образовни и културни институции, доброволно основани и финансирани од локалното македонско население, оние никулци на македонскиот идентитет.

Токму тогаш избувнува Првата светска војна. Српската, грчката и бугарската војска ги регрутираат Македонците за своите воени потреби. Македонците стануваат топовско месо во служба на ситните балкански империјализми, слично како оние кутри африкански, арапски или индиски регрути во служба на Британската или Француската Империја. Секогаш кога поминувам покрај француските воени гробишта во Скопје размислувам за бесцелната смрт на оние јадници од колонијалните чети што „умреле за Франција“, сопствениот колонијален господар, и ги оставиле своите коски во Скопје, односно ја платиле најголемата цена што еден човек може да ја плати без некаква конкретна корист за своето семејство и својата заедница. Така и многу несреќни Македонците се расеани низ српските, бугарските и грчките воени гробишта од Првата светска војна и грчко-турската војна, гинејќи за каузата на туѓи држави и туѓи народи. Не било воопшто невообичаено на линијата на фронтот да се сретнат и родени браќа што биле регрутирани во различни војски поради разликата во години или затоа што несреќата ги затекнала на другата страна од границата.

Згора на сето тоа, линијата на Македонскиот фронт, еден од најжестоките фронтови од Првата светска војна, поминувала токму низ подрачјата каде што живеат етничките Македонци. Ужасите со кои се соочувало локалното население затекнато помеѓу толку туѓи војски не може ни да се замислат, но нашата литература и сеќавањата на тогашните современици бележат малтретирање, крадење, конфискација, глад, бомбардирање, колежи, силувања, односно сите ужаси што отсекогаш ги придружувале војната и војските. Песната „Блуднице вавилонска“ на македонскиот поет Трајко Китанчев е прифатена како народна песна и е најдобар паметник за ужасите со кои се соочувало цивилното население во Македонија за време на Првата светска војна. Стиховите на таа песна покажуваат дека народниот дух на вистинско место ја става вината за својата тешка судбина за време на Првата светска војна – „Од врв Пирин Планина, жалосен глас се слуша, Македонија плаче, проклета и триклета да бидеш ти Европо, блуднице вавилонска, Французи, Англичани, Италијанци и Немци сакаат да сме под ропство, од рода сум Славјанка, земја со злато полна, затоа завидуваат многу“. Оваа песна совршено ја опишува и актуелната политика на ЕУ за толерирање на грчкиот шовинизам и на бугарските ситни империјалистички проблесоци насочени кон Македонија, а завиткани во обландата на европската интеграција.
На Версајскиот мир со кој е завршена Првата светска војна само се потврдени заклучоците од Букурешкиот договор. Македонија останува поделена, а Македонците им се препуштени на милост и немилост на балканските држави.
Од овие причини имаме целосен, но достоинствен молк во Македонија, и покрај регионалната и глобалната еуфорија околу Првата светска војна.

Денес, благодарение на херојската борба на македонските партизани во Втората светска војна и вториот Илинден, АСНОМ, 2 август 1944 година, ја имаме слободната македонска држава. Од третиот Илинден, 8 септември 1991 година, Македонија ја продолжи својата државност, но како независна и суверена држава. Сенките од Букурешт и од Версај сѐ уште надвиснуваат над Македонија, било да се во форма на грчкиот спор за името, или во форма на непризнавање на автокефалноста на МПЦ, или во форма на иницијативи за заедничка прослава на Илинден. Заедничко на сите овие темни политики е поривот на официјалната грчка политика, односно на некои кругови во Белград и во Софија повторно да се обидат да ја оспорат македонската државност и да го поништат македонскиот идентитет. Тоа се последните битки на овој народ за неговата државност и суверенитет, но, сепак, за разлика од 1914 година, денес македонската државност е факт и Македонците самите си ги избираат лидерите и политиките, па веќе не е можно кој како стигне да се подигрува со судбината и со достоинството на македонскиот народ. Почетокот на Првата светска војна е тажен јубилеј што македонскиот народ достојно го одбележува со достоинствен молк, онака како што му прилега, за разлика од утрешната громогласна прослава на Илинден, денот на македонскиот вознес и на македонската државност.

Автор: Ивица Боцевски