Адвокат Благоја Пандовски

Адвокат Благоја Пандовски

Во вакви периоди време за размислување колку сакаш. Си викам како може да бидам анархист кој се залага за владеење на правото? Од каде тој антагонизам побогу ? После тоа ми текнува дека никогаш не сум живеел во нормална држава. Нашите политичари убедувања се резултат на траумите кои сме ги доживеале. Четириесет години од животот поминав во држава која немала ниту една нормална власт од кога памтам за себе. Да не зборувам за криминалните приватизации и иљадниците луѓе оставени на немилост. Исто така да не зборувам за милионите искрадени досега од политичари за кои истите не одговарале. Ајде да ја погледнеме сегашноста. Еве оваа власт на пример, тираниски и непотребно ја ограничува слободата на движење затворајќи ги луѓето дома иако целиот нормален свет од кој сакаме да бидеме дел применува поинакви мерки за борба против пандемијата, кои се многу поуспешни.Со ограничување на времето на движење создава тесно временско грло кое резултира со гужви пред банки, продавници и банки и наместо социјална дистанца имаш расадник на корона. Сваќаш дека слободата непотребно ти ја ограничува оној кој дошол на власт наводно борејќи се за истата таа слобода. Која иронија Претседателот за кого слоганот “Државата пред се” бил премногу етатистички и требало човекот да биде центар , прогласува вонредна состојба и твоите слободи ги фрла во рацете на владата која најгрубо со уредби како од наци Германија ги ограничува. Истата таа власт кога одредена група на луѓе ќе и покаже заби протестирајќи во време на полициски час кукавички отстапува од своите диктаторски принципи пошто државната сила е таа која само треба да се применува на бабички и дедовци кои купувајќи лев го прекорачиле времето на нивното дозволено слободно движење а не и на сплотена група храбри граѓани. Прекршочни пријави нема за тие што храбро протестираат туку само за исплашени граѓани. Која фарса од држава. Понатаму сваќаш дека во оваа држава камењата од калдрмата во чаршија што 600 години биле таму како дел од споменик на културата имаат приоритет да се извадат и соберат пред ѓубрето во кое се гушиме. Какво креативно користење на полицискиот час. На крај ти станува јасно дека во оваа таканаречена држава никој нема капацитет ништо од погоре наведеното да казни и санкционира пошто судството ни е корумпирано, клиентелистичко и неспособно…. Битно се изнаслушавме убави слогани од типот ” Нема правда нема мир” . После ваквото размислување почнува да боли стомак и да фаќа паника и си викаш дај барем децата да ги спасам од ова лудило и да се преселам од тука. Како за утеха, барем не живееме во Уганда или Авганистан. Добро утро на сите.

Б. Пандовски

Скопје, 14.04.20