Од Крум за Грујо

Од Крум за Грујо

ПЕШТАНСКИ МАНИПУЛАЦИИ

Многу години отпосле, овој дечко од дистанца реши да каже нешто и за рудникот Иловица. На начин крајно манипулативен, политикантски и подмолен. Нас не занимаат политичките игри и крадливите политики на тридецениската коалиција СДС-ДПМЕ, туку сопирање на животозагрозувачки, екогеноциден проект од најсмртоносната загадувачка категорија Г-1: Рудникот на смртта.

Како прво, знаеш ли ти @NikolaGruevski, што е Г-1 загадувачка индустрија? Имаш ли читано компаративни студии за болестите што ги предизвикуваат нивните отрови? За ефектите од тешките метали? За илјадниците тони прашина врз нас? За кисели дождови? За загадени води, подземни и надземни?
Како тоа си потпишал концесии за 22 рудници за бакар и злато само во Источна Македонија? Зошто СФРЈ во 70-те не го отвори рудникот, иако вршеше испитувања? Според кои економски и други параметри на толку мала теритирија да постојат толку Г-1 загадувачи, толку рудници без да изумреме од отрови? Каде во светот има таков пример, бре? Тоа е лудачка работа, господине.

Друго, ќе кажеш ли со кој странец од НАТО во 2013 во премиерскиот кабинет се договараше за отворање на рудниците?

Ти си вон реалноста, за што сведочи и твојата очигледна верба дека ќе се вратиш на власт, а си рекол и дека ќе продолжиш со рудниците. Кој ли тоа те мајтапи и манипулира таму во Пешта?
Да тврдиш дека таков тип рудник, па и во најземјоделски крај, е “наводен загадувач”, мора да си се скарал и со реалноста и со здравиот разум. Тоа “наводно” те разоткрива, Никола. Нас не не занима тоа што сакаш да се оправдаш за погребалниот проект со рудниците. Види си таму со Пешевски, т.н. Хипо.

Од дистанца, ова писание само потврдува какви луѓе, политики и односи ни ја кроеја и кројат судбината три децении. Притоа, ни најмалку не ги амнестирам овие другиве на власт, напротив. Нивни заложбици сме. Само си играат пинг-понг, додека коруптивно ни ја загрозуваат иднината и здравјето. Прозваниот Зоран Заев самиот треба да проговори и за рудникот, и за фирмите во Бугарија (за кои сум пишувал) и за сета заднина на оваа мачна историја. Партиските интереси за по дома нека си ги чуваат. Нам ни е смачено од овие гнасотии.

Никола Груевски, ти си најголемиот виновник за сето ова, вклучително и за можните големи обештетувања. Баш ти, колку и да ја префрлаш одговорноста. Ти ги потпиша концесиите за експлоатација. И гледај, рудник нема да има никогаш, па ни тогаш ако ти повторно бидеш власт. А власт нема да бидеш никогаш повеќе, за среќа, без разлика кој и како те лаже околу тоа.
По потреба, ќе ти напишам подетално.

 

Крум Велков

29.12.22 – Струмица