Tanja KARAKAMISHEVA

Tanja KARAKAMISHEVA

Има многу неточни работи кои во последно време кружат во политичката јавност, а за кои многу пати сум пишувала, ама чинам дека е вредно да бидат повторени уште без број пати за да нема после коментари “епа што не кажавте порано”.

1. Првата неточна работа или поточно информативен спин што кружи во јавноста е дека само Македонскиот идентитет ни бил стекнато право, а не и името!

Ова е опасна теза која не смееме да ја проголтаме како кленови затоа што не е точна, јалова е, а се однесува на нешто што нам ни е најсвето!

Идентитетот на еден народ е најтесно поврзан со името на народот. Ако идентитетот на Македонците е стекнато, вродено право, истото тоа важи и за името Македонија.

Оттука, невозможно е да се преговара за промена на името, а да не се преговара и за идентитетот. Националниот идентитет исто како и националното име е дел од нашиот правен идентитет како држава, тоа се два елемента во нашата лична карта кои ако ги промениме во еден дел ќе треба да ја смениме целосно.

Во правото националниот идентитет и националното, државното име се jus cogens категории. Тоа значи дека името на државата и името на нацијата се фундаментални принципи чие што дерогирање или присилна промена според меѓународното право е ЗАБРАНЕТО.

Името на државата и идентитетот на народот се ИНХЕРЕНТНИ категории и вредности кои ние како Македонци сме ги добиле многу пред официјалното прекрстување на грчкиот регион Македонија кој до 1988 година се нарекувал “северен регион на Грција”.

Да не забораваме дека официјално, нашето прво државно име било Народна Република Македонија, република што функционирала во рамките на Федеративна Народна Република Југославија со Уставот од 1946 година.

2. Втор важен момент е дека Република Македонија има аплицирано за членство во ООН под уставното име, значи не под привремената референца!

Еве еден конструктивен предлог до Грците со цел да се заштити меѓународното право како и да се тргне нели наводната најголема болка на Грците, а тоа е иредентизмот од нашата страна.

Со оглед дека тие дури во 1988 година го ставиле името Македонија на својот северен регион без за тоа Македонија да направи драма или каква било друга реакција во меѓународната заедница, сега е ред во истиот тој добрососедски дух Грците да не драматизираат и да го прифатат нашиот конструктивен предлог.

Имено во меѓународното, но и во правото воопшто важи правилото “кој е прв во времето посилен е во правото” (Qui Prior Est Tempore, Potior Est Jure).

Ако Македонија е прва во времето и прва се нарекла Македонија, тогаш мора да е посилна и во правото.

Нашиот фер предлог до Грците е да си го променат името на нивниот регион во “регион јужна Македонија”.

Така, нашето име ќе си остане РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА erga omnes, а нивниот регион би имал ново име “Јужна Македонија”.

Win-win ситуација за двете држави во духот на взаемното почитување и во духот на почитувањето на основните човекови права!

Кога Ирците од Република Ирска немаат проблем со името Северна Ирска, тогаш зошто Грците би имале проблем со ново име на регионот јужна Македонија!