ПРОБЛЕМОТ ЗА СРБИЈА Е – ГРЦИЈА, НЕ МАКЕДОНИЈА

  • Во недела навечер, на 20 август 2017, сосема неочекувано и
    без никаква најава, Србија ја затвори својата Амбасада во Скопје.
    Крајно невообичаено, го повлече целиот персонал “на консултации“
    во Белград. Такво нешто не се прави ни кога две земји се во војна.
    При затегнати и проблематични односи, вообичаено е на
    консултации да се повлекува амбасадорот и, според тежината на
    ситуацијата, подолго или пократко да не се враќа на должност. Тоа е
    јасна и сериозна порака за земјата домаќин. Српскава постапка,
    меѓутоа, ги надминува сите досегашни искуства и прашање е дали
    воопшто во дипломатската пракса, та дури и историја, има преседан
    како овој? И кога има војни или природни катастрофи, во
    амбасадите обично се остава макар еден дипломат. Впрочем,
    според непишаната ама неприкосновена пракса, ако амбасадата се
    остави без вршител на работите, се смета дека дипломатските
    односи се прекинати. Во согласност со земјата домаќин, за вршител
    на работите може да се нотира и некој службеник, дури и домаќинот
    на амбасадата, се’ со цел да се избегне прекинот. Со овој потег,
    практично, Србија ги прекина дипломатските односи.
    Македонија, нормално, не инсистира на таа пракса бидејќи
    интересите и на двете соседни држави го диктираат спротивното.
    Затоа, ние замижавме на едно око а Србија, свесна за својата
    глупост, и на двете и затоа веднаш најави дека вработените во
    Амбасадата наскоро ќе се вратат.
    Чинам дека тоа беше минатото лето (2016), слична неумност
    направи и наш дипломат во Москва. Иако беше сам и вршител на
    работите, без никому да се јави, ниту на рускиот МИД а уште
    помалку во нашето МНР, тој си заминал на одмор, надвор од Русија
    и – ги прекинал дипломатските односи бидејќи не оставил заменик.
    Се разбира дека и Русите ништо не презедоа, ама нашиот срам и
    непрофесионалност си останаа.
    Српското објаснување дека чинот бил резултат на нивната
    претерана и агресивна изложеност на разузнавачки активности
    може да биде само приказна за покривање на крајно жестоката
    постапка. Ако тоа навистина се случувало имало повеќе начини да
    се реагира и спречи, без да се прави циркус. Белград, навистина,
    подоцна прецизира дека нашата Влада не е вклучена во
    спомнатите активности но дека биле нашите разузнавачки служби,
    заедно со странски. Што значи тоа?
    Агенцијата за разузнавање е единствен орган од овој вид, што
    не е под ингеренција на Владата туку на претседателот на
    државата. Дали обвинувањето од Белград, иако затскриено, може
    да се однесува на неа и на него? Паралелно, српскиот разузнавач,
    кој е легално пријавен во српската Амбасада, беше крајно
    недозволиво забележан во Собранието кога толпата се обиде да го
    спречи изборот на Џафери и ги нападна пратениците. Деновиве,
    според некои медиуми, тој изјавил дека “дозвола“ за тоа добил од
    советникот за национална безбедност на претседателот?! Дали
    жешкиот костен (случајно?!) се префрла во вилата на Водно?
    Во секој случај “разузнавачкото“ објаснување за српскиот
    драстичен потег е само лажното лице на целиот случај. Времето ќе
    покаже која е вистинската причина а ние сега можеме само да
    претпоставуваме. Индикатори, сепак – има. Првите два беа Косово
    заради УНЕСКО и руска ујдурма. Факт е дека приемот на Косово во
    УНСЕКО е српска преокупација и важно им е Македонија да биде
    воздржана. Меѓутоа, тоа може да биде само споредна,
    дополнителна причина за една ваква, во основата бесмислена
    српска постапка. Косово и да се зачлени, нема да биде крај на
    светот и тоа му е јасно на Белград. Спинот, пак, дека Белград
    исполнува руско сценарио е – смешен. Србија е сериозна држава и
    единствена од Балканот со некаква глобална улога. Тоа може да се
    цени и по бројот на амбасадите во Белград, како и српските во
    светот ама уште повеќе преку развиените односи кои ги имаат со
    Русија, Кина, Индија… па и со САД, кои сега против Вучиќ, како
    изгледа, подготвуваат нешто слично на “македонското сценарио“.
    Исто како и Груевски (февруари, 2011), и Вучиќ при неодамнешната
    посета на Вашингтон разговараше со потпретседателот на САД а
    конференцијата за печат ја одржа на улица!
    Според повеќе елементи, причина на српската експлозија
    против Македонија е стравот дека Атина се спрема да го признае
    Косово. Неизбежно би следел и Кипар и во рамките на ЕУ би
    останале само три земји на страната на Србија – Романија,
    Словачка и Шпанија. За Белград, тоа би бил тежок удар во
  • 3
    загубената битка околу нивната поранешна покраина. Значи,
    причината е сепак Косово ама од поширок аспект а зачленувањето
    во УНЕСКО може да биде само формален повод. Неколкуте изјави
    на Дачиќ дека погрешиле што ни го прифатиле уставното име и така
    ја навредиле Атина, се серозна потврда на оваа теза. Дека тој страв
    не е случаен потврди и српскиот аналитичар, Бошко Јакшиќ, кој
    редовно пишува колумни за “Нова Македонија“. Уште минатата
    пролет (2016), тој со доза на сигурност најави дека до крајот од
    годината Грција ќе го признае Косово. Тој морал да има релевантни
    информации за така да се истрча, а нема дилеми дека српски
    императив е тоа да се спречи. Токму затоа и оваа српска врева
    околу Македонија може да се стави во тој контекст.
    Колку Србија ја постигна целта со Грција, ќе покаже времето.
    Пораката дека сме им заеднички душман беше нагласено силна
    ама тешко дека ќе биде доволна без нови, додатни докази. Атина е
    за прв пат под жесток притисок од САД да ја прифатат нивната
    формула за нашето име, без веднаш таа да биде ерга омнес, што
    тешко може да помине кај нив. Арно ама, САД силно се залагаат за
    отпис на (добар дел од) грчкиот долг, додека Германија е одлучно
    против. Прашањето за Грција е да се биде или не а САД не прават
    ништо за џабе. Косово и Албанците се нивни бисер балкански и
    признавањето од Грција им е исклучително важно, што ќе биде
    тежок пораз за Србија.
    Со преземениот чекор кон Македонија, Србија дипломатски се
    посрамоти. Мораше да голтне и голема кнедла, правејќи се’ можно
    за враќање во нормала. Сепак, ние не знаеме на што сме. Немаме
    информации што се случува во позадината на случајот ниту што ќе
    следи. Ако е точна оваа претпоставка, Атина ќе бара уште многу
    повеќе и на Белград нема да му биде лесно. Нашата позиција е
    исклучително слаба и сите калкулираат со наши отстапки. На
    пресот на двата министри во Ниш, се виде дека разговорите биле
    непријатни. Нашиот подобро се држеше додека Дачиќ на моменти
    пелтечеше не знаејќи што да каже.
    Брисел сега тврди дека не се мешал бидејќи се’ брзо се
    решило, што апсолутно не е точно. Вашингтон е покоректен бидејќи
    си молчи. Сите можат да бидат сосема уверени дека по инцидентот,
    веќе утредента сабајле, телефонските линии на Белград со
  • 4
    Вашингтон и Брисел биле вжештени. Бидејќи рускиот спин е крајно
    опасен за тие преку барата, можеме само да замислиме какви се
    директиви САД давале за состојбите да се вратат под (нивна)
    контрола. Бирократчињата од Брисел, пак, без можност да имаат
    свој став и политика, сигурно само ги повторувале рефрените од
    Вашингтон. Ние сме им важни бидејќи почнавме со виткање на
    ’рбетот и тоа не смее да прекине. Така, Белград воопшто немаше
    простор да продолжи со ујдурмата.
    Балканското буре барут повторно е на маса. Трилатералата во
    Солун (Ципрас, Борисов, Вучиќ) воопшто не беше случајна. Без
    никакво сомнение, главна тема бевме ние. Во сите овие бури,
    Македонија е цело време дел од пасивата. Засега нема сигнали
    дека се будиме од длабокиот сон иако нашата судбина е во
    прашање. Во добра мерка, таа се’ уште зависи (и) од нас самите. И,
    место да тргнеме во одбрана на нашите универзални права, се
    случува сосема спротивното: најавите се дека сме спремни да ги
    жртвуваме нашите фундаментални интереси. Докази – договорот со
    Бугарија и законот за албанскиот јазик. Ако е така, бргу ќе го
    обереме бостанот и Македонците ќе станат историска категорија.
    Ристо Никовски
    Септември, 2017