ВМРО

ВМРО

“15 мај 1951 г. Ноќната тишина одненадеж ја наруши чкрипење на кочници. Покрај нас до тротоарот застана џип марка “вилус”. Од него излегоа тројца офицери на КОС, ја поттурнаа девојката што ме држеше за рака и ме зграпчија. Ми ги свиткаа рацете на грбот, ми ставија лисици, ме седнаа меѓу двајца на задното седиште и со голема брзина се оддалечивме од местото на апсењето…Отворија една врата и ме слегоа во подрум, застанавме кај едни скали, под нив беше карцерот. Ми ја отворија вратата, ми ги извадија лисиците и ме заклучија. Врзан поп мирно село. Се куртули ФНРЈ од мене, но јас од неа не…

Дедо ми Робе е виден деец од пред и по Илинден, до својата смрт в 1915 г. Моите чичковци Андон и Ристо цели 12 години како активни комити крстосуваа планини, а во 1912 г. учествуваат како доброволци во Македоно-Одринското ополчение. Татко ми Досе Робев бил регрутиран во бугарската армија в 1915 г., се борел во петтиот македонски полк под команда на големиот полководец херојот Дрангов. Заедно еден до друг јуришале на Криволак…На Илинден 1950 г. во центарот на Копачка – Извор, на свечен начин ги делеле првите Илинденски споменици и прв бил повикан на бината да ја прими споменицата чичко ми Андон. Со пригоден збор му ја закачил споменицата на гунчето, а чичко Андон ја извадил и му ја вратил со зборовите: “Срамота е да ве лажам, јас за ваква Македонија не се борев”!

23.08.1951 г.
Точно во 10 ч. не воведоа во судската сала. Во салата беа присутни меѓу 30 и 40 души сеирџии. Стана претседавачот на судскиот совет, го прогласи судењето за отворено и побара обвинителот да го прочита обвинението. Јавен обвинител беше полковникот Милан Раичевиќ. Кога заврши читањето на обвинението, одекна еуфорично скандирање: “Смрт! Смрт! Смрт за бандата!” Сето тоа беше добро изрежирано, пресудата одредена однапред…

Видливо изнервиран, со брзината што ми беше својствена, ја соблеков блузата, по неа и кошулата, го завртев грбот кон судијата, кон обвинителот и кон публиката, а на грбот испукани фаши кожинки, под нив кркореше гној измешана со крв, таа лигава течност ми течеше по нозете, ми се слеваше по чизмите. Смрдев целиот, се распаѓав на животи. Ги покажав и лузните на рацете, што стојат и ден-денешен, направени од синџирите и лисиците со кои ме врзуваа. Сите видоа живи рани на телото на едно младо момче. Тоа беше на 24.08.1951 г., имав 20 години…

– Другар судија, овие злосторнички траги од истрагата обвинителот ги вика “коректно водена истрага” без да се срами. Почитуван суде! Цели два божји дена се обидувате да ја докажете мојата вина. Баравте од мене да признаам дека сум и припаѓал на ВМРО. Не кријам и признавам дека сум вмровец. Се прашувам дали на луѓето им е јасно што е тоа ВМРО? Тоа е сенародно движење. Се плашите од ВМРО, велите дека била тајна, милитантна и терористичка организација. Каква може да биде организација што се бори за слобода и државност, а дејствува во услови на окупација?

Обвинителот во текот на претресот, неколку пати нагласи дека Македонија ја ослободиле во 1912 г. од турското ропство. Вашите генерали на бели коњи маршираа по македонските градови, додека ВМРО со своето Македоно-Одринско ополчение атакуваше на првите борбени линии. Да потсетам само на битката кај Шаркој. Кога веќе сте не ослободиле од Турците во 1912 г., зошто не си заминавте од Македонија, туку останавте тука како нови господари, поробители, окупатори и асимилатори?

Ме обвинувате дека сум го поткопувал федералниот принцип на државното уредување на ФНРЈ и дека сум сакал да создадам независна држава на Балканот, а Македонија да се отцепи од составот на ФНРЈ. Зошто да не? Тоа не е насилство и не претставува кривично дело. Зар во актуелниот устав на ФНРЈ не стои, цитирам: “Секоја република има право на самоопределување до отцепување”? Ништо што е дозволено со уставот не може да биде кривично дело и предмет на обвинение…

По километри друсање стигнавме во казнениот дом Забела кај Пожаревац. Веќе не бев Стојмир Досев Робески, сега станав четирицифрена бројка 4848/7. Забела има девет павилјони. Секој павилјон е заграден со бодлив тел. Найстрашен беше седмиот павилјон, а деветиот никој не го чуваше. Тоа се всушност затвореничките гробишта. Според тогашните закони, починатиот осуденик се погребуваше во затворските гробишта, а посмртните останки семејството можеше да си ги земе само откако ке биде извршена пресудата, односно казната издржана, што значи дека со чинот на смртта пресудата не го губеше правното дејство, и мртов мора да лежиш до одредениот ден во пресудата. Се можев да поднесам, само шајкачата никако. Мене шајкачата многу ми пречеше. Имав чувство небаре целата династија Караџорџевич ја носам на главата. Изутрина не одведоа на рапорт. Дојдов јас на ред, кога прочита ВМРО во мојата пресуда, го обезличи суратот, направи гримаса на гадење, ги закрвави очите и праша:
– За што одговараш?
– За ВМРО, господине, пишува тука.
– Во седмиот павилјон, мајката да ви е… бугарашку!

Патот по кој требаше да минам во наредните 5 години беше етапа од моето одење бос по македонската Голгота…Веднаш над мојот карцер скалите водеа на приземјето. Ме воведоа во една канцеларија опремена со сите реквизити за мачење. Сите тројца како под команда ми се нафрлија, почнаа да ме тепаат кој со што стига, удираа, газеа, измачуваа. Кога се освестив, видов дека сум сам. Ме оставиле зверовите во бесвест, целиот облеан во крв. Ме врзале со лисици, а за тестисите ми врзале со сиџим тег од 2 кг. Чувствував ужасни болки по целото тело, крв ми течеше од носот, од устата, од ушите. Се обидов да станам, но не успеав. Повторно ја загубив свеста…Ме фатија, кој за раце кој за нозе, ме мачеа на смена, цела ноќ и следниот ден. Ми правеа “фонтана”, потоа струја. Најтешко беше кога ќе ми пуштеа струја. Прво како да ме лазат мрави, потоа како да ме касаат, а третиот стадиум како да ме боцкаат игли по целото тело, потоа се тресев како прат и се онесвестував…Стрелаа таму, во затворот, и тоа во петок од 10 до 14 ч. Често гледав низ продзирката кога ги изнесуваа труповите непокриени, легнати на количка…”-

“КОРАВА ИСПОВЕД”

Стојмир Досев Робески,1999 г.,Скопје